Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски истакна дека концептот „За наше Куманово“ веќе концепт е за наша Македонија.
„Прагмата и логиката ме влече да продолжи тој концепт, а срцето ме влезе за таму кадешто сум поминал од 1995 година па до ден денеска и се уште, а тоа е СДСМ. Но, како и да е ќе се водам од насоките коишто ќе ги добијам од граѓаните, а тука се првенствено анализите. Во овој момент, јас исклучиво со мојот тим бидејќи не е ова само мој резултат, ова е резултат и на кандидатите за советници и на тимот на луѓе и на штабските структури кадешто ќе потенцирам најголем дел од луѓето се членови и симпатизери на СДСМ, имаме неопределени, а имаме и луѓе од десната страна. На македонецот му е потребно обединување, а на Македонците и Албанците им е потребен развој на едно еднакво општество во коешто ќе се чувствуваат блиски и како браќа. Тука му оддавам признание на Заев, но главните идеолози ги нема во партијата затоа што беа директни во ставовите. Концептот „За наше Куманово“ е концепт за наша Македонија.
Тој истакна дека неговиот фокус е насочен на реализација на локалните политики, затоа што тоа им го должи на кумановци и кумановки без разлика на нивната етничка, политичка или каква било друга припадност.
Димитриевски рече дека позицијата ги менува луѓето, а тој се обидува да не ги прави таквите грешки. Во однос на победата, истакна дека истата ја разбира како одговорност.
„Ова е дефинитивно победа на граѓаните на Куманово. Не е победа на Максим Димитриевски или самите кандидати за советници, граѓаните сфатија која е нашата цел. Промовиравме еден концепт од граѓаните за граѓаните. Излеговме и ја побаравме поддршката. Без разлика на оние непринципиелности кои се користеа. Граѓанинот победи во Куманово. Нема простор ниту за реваншизам, нашата цел е да ги обединиме граѓаните. Нашата цел е да направиме едно мнозинство во советот, иако веќе има бројки за мнозинство коешто ќе биде во функција на граѓаните, а не на политиката. Тоа значи дека има простор за сите. Сакам да видам совет во којшто ќе се носат одлуки исклучиво во интерес на граѓаните, да се реализираат програми и проекти. Веќе утре или следните денови кога ќе го добијам уверението сакам да ги поканам сите противкандидати да седнеме на едно заедничко кафе и веднаш да направиме еден договор кадешто дел од оние проекти коишти ги понудија ќе бидат имплементирани во мојата понатамошна програма и во следните четири години сето тоа ќе биде реализирано, се со цел да не гледаме на седниците на советот само чиста политика, туку да гледаме заложба на советниците кадешто ќе се работи исклучиво во насока на развојот на нашиот град, бидејќи тоа му е потребно. Куманово отпочна да се менува, мора да продолжиме во таа насока“, изјави Димитриевски.