Димитриевски: Ќе продолжам да работам за доброто на Куманово

Сподели со своите пријатели

„За осум години реализиравме над 800 проекти, а Куманово од трета најзадолжена општина во државата, денеска е финансиски најстабилна општина. Ја знам оваа работа и сакам да продолжам да ја работам за доброто на мои Кумановчани“, порача кандидатот за трет градоначалнички мандат во општина Куманово, Максим Димитриевски, на вечерашната дебата на Македонската радио телевизија.

Димитриевски, кој е кандидат на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија и е поддржан од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, рече дека ќе продолжи посветено да работи и во приградските населби, и во централното градско подрачје, најавувајќи голем број капитални проекти.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Димитриевски: Во новиот мандат фокусот го ставаме на развој на домашното стопанство (ВИДЕО)

„Во претходниот мандат изградени се 19 спортски игралишта и четири спортски сали. Работиме на историска реконструкција на спортската сала што ја уништуваа 40 години. Се работи на активна реконструкција на Соколана, Соколански парк, стариот Градски парк. Имаме уште многу проекти, многу идеи. За среќа, сега Куманово има шанса да аплицира за пари од Владата и да реализира посериозни проекти, како што во овој моменти се најавени 27 сериозни инфраструктурни проекти“, истакна Димитриевски.

Тој ги обвини претходните политички елити дека во континуитет го опструирале развојот на општина Куманово и најави изградба на три нови градинки со финансиска поддршка од државата.

„До пред година и пол, сите наши апликации за изградба на три градинки во Куманово, во континуитет беа одбивани од Владата на СДСМ. Сега првата апликација е прифатена и обезбедени се три милиони евра за детска градинка со капацитет за 800 деца во населбата Гоце Делчев. Парите се потврдени и одобрени од Владата, дозволата за градба е добиена и тоа ќе се реализира. Вториот проект ќе биде аплициран следната година за изградба на градинка на локацијата Бајрам Шабани, а во 2027 година ќе аплицираме за третата градинка, во населбата Карпош.“

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Димитриевски од Вера Которка: Секоја идеја ќе ја дочекаме со раширени раце

Реплицирајќи му на кандидатот на СДСМ, Мартин Костовски, кој го нарече Куманово касаба, Димитриевски одговори дека градот заслужува да добие и ќе добие модерен лик.

„Куманово ниту бил, ниту ќе биде касаба. Можеби само во вашата визија и проекција. Управувавте со општината со децении наназад и од вас и вашите блиски луѓе стагнираше и општинската администрација, од профилот на луѓе како вас кои преку ноќ се вработуваа и стануваа раководители на сектори.“

Димитриевски најави дека ќе продолжи мерката за бесплатен јавен превоз, која дневно ја користат 16.000 граѓани и активно ќе се работи на изградба на нови паркови, расчистување на дивите депонии и креирање квалитетни сообраќајни решенија по мерка и на возачите, и на велосипедистите, и на пешаците.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Објавен повикот за предлози за Ноемвриска награда

Интегрално соопштение