Решавање на сообраќајниот хаос на „11 Октомври“ и булеварот „Трета Македонска Ударна Бригада“, најави вчеравечер кандидатот за градоначалник на СДСМ, Максим Димитриевски на мини митингот кој се одржа пред платото на Територијалната противпожарна единица Куманово.

Димитриевски вети дека ќе се заложи да се врати стариот сјај на Куманово, се осврна на изминатите 11 години, кога како што вели, беше урнисано македонското и кумановското стопанство.
– Мора да му го вратиме сјајот на Куманово и преземам обврска заедно со овие луѓе во следните четири години тоа да го сторам, затоа што бевме сведоци како 11 години не дробат на ситен камен. Со акцијата „Пепел“ оваа спротив нас го пеплосаа, го пеплосаа половина македонско и кумановско стопанство, и Монопол, Житомел, дел од Искра, Кен, Биброк и сите стопански субјекти, па барем да ги дадоа на некој да ги работи, туку им удрија катанец и не можат ни ден денес да ги сочуваат. Ги гледаме како се распаѓаат пред очи, а тука нашите родители заработуваа за да не израснат и срцето боли. Затоа велам дека не чека многу работа, рече Димитриевски.

Сообраќајниот хаос, според концептот и визијата кои ги најави Димитриевски ќе останат во минатото. Решавање на хаосот во сообраќајот на улицата „11 Октомври“ и булеварот „Трета МУБ“ ќе бидат дел од реализираното по 15 октомври.
– Тука гледам кружен ток, убаво осветлен, уредно организиран, така како што му доликува на секој влез во еден модерен и урбан центар и гледам уште голем број такви решенија на раскрсници и уште голем број на катни гаражи во Куманово за да го решам сообраќајниот метеж кој е фрекфентен на улицата „11 Октомври“, а од булеварот „Трета МУБ“ направивме паркиралиште, наместо булевар и не се сеќавам кога како родител ги земав своите деца заедно со вас во количка за да ги прошетам до централното градско подрачје. Ако јас ја немав таа чест и задоволство, тогаш ќе дадам максимум тоа задоволство да го овозможам на овие млади кои треба допрва да раснат деца во Куманово, бидејќи сакаме да живееме модерно и урбано онака како што живеат сите нормално и модерни градови во опкружувањето, но и во Европа, бидејќи нашиот пат е таму, додаде Димитриевски.

Максим нема намера да ветува, туку со граѓаните да реализира проекти, рече кандидатот на СДСМ, кој вети дополнителни средства за спроведување на гасификацијата до секој дом, што треба да го намали загадувањето, а воедно и изградба на фабрика за бетонски елементи.
– Имам намера со моите соработници да направам докапитализација на јавните претпријатија, да изградам фабрика за производство на бетонски елементи, имаме песок колку сакаме, ќе донесеме цемент и ќе произведуваме бекатон плочки и ќе го решаваме најгорливиот проблем во Куманово и кумановско за да се спасиме од кал, рече Димитриевски.

Пред присутните се обрати и носителот на листата со кандидати, Атина Мургашанска, која вети план за живот на сите граѓани, без разлика на вера, етникум и политичка определба.
– Ние имаме план во кој има место за сите граѓани. План како да го направиме Куманово достоинствено место за живеење, работевме и досега многу, се мачевме под нивните притисоци, закани и блокади, ама сепак успеавме Куманово опстана и 26 години е слободарски град, бастион на социјалдемократијата и така ќе биде и понатаму, порача Мургашанска.

Свои обраќања имаа и кандидатите за советници Сашо Тодоровски, Ердоган Алиевски и Томица Илиќ кои ги повикаа присутите да гласаат за СДСМ на претстојните локални избори.


