Димитриевски: Ќе изградиме повеќе, затоа што Куманово мора да победи! (ФОТО)

Сподели со своите пријатели

Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ вечерва се одржа завршниот митинг на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, на кој кандидатот за градоначалник и претседател на движењето, Максим Димитриевски, пред полна сала ја презентираше програмата за следниот четиригодишен мандат, како и кандидатите за советници од редовите на партијата.

„Куманово мора да победи. Куманово мора да продолжи да се менува! Затоа што Куманово е симбол на пркос, работа и достоинство,“ порача Димитриевски на почетокот од своето обраќање, поздравен со аплауз од присутните граѓани.

 

 

Тој истакна дека изминатите осум години биле исполнети со над 800 реализирани проекти, кои, како што рече, ја промениле сликата на Куманово.

„Во изминатите осум години направивме многу. Повеќе од 800 реализирани проекти. 800 приказни за подобро Куманово,“ рече тој, додавајќи дека секој проект бил дел од визијата за модерен, достоинствен и функционален град.

 

 

Во своето обраќање, кандидатот за градоначалник посочи неколку од клучните реализирани инвестиции:

„Ја реконструиравме Спортската сала, го враќаме сјајот на Соколана, го разубавуваме Градскиот и Соколанскиот парк, го обновуваме плоштадот ‘Маршал Тито’. Во Куманово го донесовме Лидл – европски гигант и симбол дека овој град е привлечен за инвеститори.“

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Од ноќеска на полноќ започнува предизборниот молк

 

 

Тој нагласи дека клучниот успех не се мери само со инфраструктура, туку и со духот на граѓаните.

„Но најголемата промена не се гледа само во улиците и парковите. Се гледа во луѓето. Во насмевките на децата. Во пензионерите што мирно патуваат без билет. Во младите што отвораат бизниси и веруваат дека има иднина овде, дома. Тоа е мојата најголема гордост,“ рече Димитриевски.

 

 

Во однос на плановите за следниот мандат, тој ги најави приоритетите од програмата за нов развоен циклус на Куманово.

„Во следните четири години, имаме нова, силна, јасна програма. Три нови детски градинки – во Зелен Рид, Бајрам Шабани и Карпош. Нов плоштад со административен комплекс со катна гаража и модерен урбан сквер на Чоробенско ќоше. Реконструкција и обнова на сите општински училишта. Нов технолошки и интеркултурен центар за младите во Домот на пионери. Целосна реконструкција на булеварите и три нови кружни текови. Пет нови паркови, продолжување на кејот, нови пешачки и велосипедски зони. Уште посовремен, целосно бесплатен јавен превоз за сите граѓани,“ најави Димитриевски, додавајќи: „И ќе ви кажам едно – сè што ќе ветиме, ќе го направиме! Затоа што тоа е нашиот збор. А зборот за мене е светост.“

ПРОЧИТАЈТЕ И:  77-годишник од Куманово со тврд предмет ја нападнал сопругата

 

 

Тој порача дека оваа кампања не е борба за лична позиција, туку за подобра иднина на сите граѓани.

„Оваа кампања не е за мене. Оваа кампања е за вас. За сите граѓани што секој ден го градат овој град. За мајката што ги носи децата во градинка, за работникот што рано станува, за професорот што учи генерации, за младите што сакаат да останат, за пензионерите што го заслужуваат мирот,“ изјави тој.

На крајот од обраќањето, Димитриевски ги повика граѓаните масовно да излезат на изборите.

„Во недела нема да избираме само градоначалник и советничка листа. Ќе избираме насока. Ќе избираме иднина. Ќе избираме меѓу зборови и дела. Меѓу празни ветувања и вистински резултати. И затоа, вечерва ве повикувам: да излеземе сите! Со гордост, со верба, со срце! Да покажеме дека Куманово не се продава, дека Куманово се брани со љубов и работа!“

Со крената рака која го покажува бројот два, Димитриевски го заврши говорот со пораката:

„На гласачкото ливче заокружете број 2 – за стабилност, ред и развој! За Куманово што расте, што создава, што оди напред! За тим што знае, што може и што докажа! За дела, јасна визија и континуитет за Куманово!“

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Комбе изгоре во пожар во Никуљане

 

 

На присутните во Домот на културата се обрати и носителката на советничката листа Ивана Ѓорѓиевска. Таа се заблагодари за поддршката во работата на Советот, на советниците, на невладините организации, на раководителите, и пред се на градоначалникот Максим Димитриевски за довербата во неа. Вети уште посилно темпо на работа во следниот мандат.

 

 

„Ние не застануваме тука. Сега е време да продолжиме уште посилно, уште посовесно, уште поодговорно. Затоа што Куманово заслужува стабилност, сигурност и развој. Затоа што заслужува иднина во која младите остануваат, а не си заминуваат. Ова не е само политичка програма. Ова е наш заеднички договор за подобар живот. За ред, за сигурност, за град што работи и создава“, порача Ѓорѓиевска.

 

 

Таа повика во недела – да се заокружи бројот 2, за стабилност, ред и развој. За Совет на луѓе што работат со срце. За Максим Димитриевски и тимот што знае, може и го докажа. За Градоначалник и Совет кои се проверена двојка.

 

Никола Ивановски