Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски денеска го пречека тимот пожарникари кои пружаа помош за спасување на жрви од земјотресот во Турција.
Тимот пожарникари денеска од првиот човек на градот доби благодарници, а како награда за нивниот ангажман ќе добијат и дополнителна плата.
Како што рече Димитриевски Куманово беше меѓу првите општини која се отповика на меѓународниот повик за помош.
– Куманово меѓу првите општини се отповика на меѓународниот повик за помош на Република Турција и Сирија. Покрај финансиски средства што издвоивме испративме еден тим пожарникари заедно со опрема и возило, лично да отидат на лице место и да дадат свој допринос во спасување на евентуално преживеани од земјотресот и санирање на штетите и последиците од истиот, вели градоначалникот.
„Фала му ба Бога што се вратија живи и здрави“ рече Димитриевски додавајќи дека има обврска да ги пречека по спасувачката мисија.
– Јас во мое лично име и во име на граѓаните на Општина Куманово сакам да им се заблагодарам на сите пожарникари кои беа во оваа успешна мисија, на раководството на Територијалната противпожарна единица Куманово, самиот командир и сите вработени во оваа институција. Имаме пожарникари со кои можеме да се гордееме, пожарникари спасители во овој случај, се надевам дека што помалку ќе ги користиме, но ќе бидеме секогаш подготвени, потенцираше Димитриевски.
Кумановскиот градоначалник изрази уверување дека светот ќе изнајде сили да им помогне на Турција и Сирија што поскоро да ги санираат последиците од елементарната непогода.
– Куманово отсекогаш бил солидарен град, знаел да се најде во вистински момент, почнувајќи од секој граѓанин поединечно, горд сум на кумановци што размислуваат така, потенцираше градоначалникот.
Пожарникарот Душан Цаневски, кој беше дел од тимот спасувачи, вели дека од Турција се враќаат со големо искуство, но и со добри и лоши сеќавања.
– Ова е едно големо искуство за сите нас. Прва работа ни беше учество во спасување на жена што ни даде дополнително мотив повеќе да се посветиме на работата таму, но за жал повеќе немаше преживеани на местото каде што ние работевме. Се работи со тешка механизација и помош од наша страна да се најдат преживеани. Многу работи ќе ни останат во сеќавање, и добри и лоши. Голема благодарност до турските државјани кои беа доста гостопримливи кон нас, но и тоа што го сретнавме таму е големо искуство за сите нас, изјави Цаневски.
Инаку кумановските пожарникари активно учествуваа во пребарување и спасување на преживеани од земјотресот во турскиот град Адијаман.
Заедно со колеги од целиот свет деноноќно работеа да пружат поддршка на локалните екипи, а како плод на нивните напори од урнатините беше спасена една жена.
Никола Ивановски