Димитриевски и Стојковски одат во вториот круг

Сподели со своите пријатели

Максим Димитриевски од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија и независниот кандидат Горан Стојковски Диро одат во вториот круг од локалните избори.

Државната изборна комисија обработи 99,5 отсто од гласовите во Куманово, кои покажуваат убедливо водство на Димитриевски пред останатите кандидати.

Тој освоил 37,89 отсто од вкупниот број на гласови или за него гласале вкупно 16.183 гласачи.

Втор е Горан Стојковски Диро, кој имал поддршка од 13,92 отсто или вкупно 5.946 гласа.

За само 41 глас разлика третата позиција му припадна на Селвер Ајдини од коалицијата на ДУИ кој освоил 13,83 отсто од гласовите, односно добил поддршка од 5.905 гласачи.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Димитриевски води во Куманово

Со 112 гласови помалку, четврторангиран е Марин Костовски, кандидатот од коалицијата предводена од СДСМ. Тој освоил 5.793 гласови, односно поддршка од 13,59 отсто.

 

 

Петата позиција е на ВЛЕН и нивниот кандидат Арбен Етеми со 3.851 глас, односно 9,02 проценти.

Претпоследен трката ја завршува Мирослав Петковиќ од Левица со 2.160 гласови, односно за него гласале 5,06 отсто од вкупниот број гласачи.

Виолета Арсовска е последна во трката. Како кандидат на Коалицијата предводена од ЛДП, таа освои само 423 гласови, односно 0,99 проценти.

Од 94,041 лица со право на глас, вчера гласале 42,712 граѓани, односно излезноста била 45,72 отсто. Вкупниот број неважечки ливчиња бил 2.451.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Димитриевски: Куманово заслужува да продолжи да се развива (ВИДЕО)

Инаку, од денеска продолжува кампањата за вториот круг од изборите. Гласањето ќе се одржи на 2ри ноември.

Никола Ивановски