Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски и Амбасадорката на САД во Македонија, Анџела Агелер, денеска го затворија Детскиот ликовен камп АСНОМ.
Агелер и Димитриевски ги разгледаа сите уметнички дела настанати на 14то издание на оваа ликовна колонија на која учествуваат учениците од кумановските училишта, како и корисниците на дневните центри за лица со интелектуална попреченост.
Оргнизатор на настанот е Фондацијата за култура и спорт и Секторот за култура при општина Куманово.
Градоначалникот Максим Димитриевски во своето обраќање пред присутните им се заблагодари на учесниците и посака колонијата да продолжи да дава плодни дела и во иднина.
– Она што денеска го гледаме се уметнички дела, сериозни дела со кои не само вие како родители и учесници, туку и ние како претставници на општината ќе се гордееме. Куманово има голем број ликовни и уметнички колонии, организира голем број настани во делот на културата, особено во делот на ликовната уметност и овде гледам идни уметници кои достоинствено ќе го претставуваат градот во целиот свет, рече градоначалникот.
Како што истакна директорот на Фондацијата, Марио Арангеловски, годинава околу 30 учесници работеа во три техники.
– Работа во сликарство, монотипија и популарна уметност, така што имавме прекрасни три дена овде во ресторанот „Грација“ каде децата меѓусебно се дружеа и твореа. Една од овие слики веќе замина во американската амбасада, верувам дека и другите ќе си го најдат своето место, рече Арангеловски.
Колонијата се организира по 14ти пат а со финансиска поддршка на градоначалникот и Советот на Општина Куманово.
Никола Ивановски