Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски и претседателот на Занаетчиската комора на Македонија Агрон Фазлиу вечерва го посетија новогодишниот базар на градскиот плоштад.
По подолг временски период, Куманово повторно доби новогодишен базар, кој годинава се организира во соработка со Занаетчиската комора, со цел поддршка на занаетчиите и збогатување на празничната атмосфера во градот.

Како новитет оваа година, Димитриевски го посочи токму новогодишниот базар, каде што граѓаните ќе имаат можност да купат сувенири и празнични производи.
– Оваа година го закитиме градот повторно во рамки на наши можности, но онаа што е новитет е секако овој новогодишен базар кајшто граѓаните ќе можат да купат сувенири сето онаа што се продава во на продажбата на новогодишните празници, истакна тој.
Во наредните денови, како што најави градоначалникот, на градскиот плоштад ќе биде поставена и бина со богата новогодишна програма.
– За неколку дена ќе биде монтирана и бина на градскиот плоштад новогодишна програма којашто ќе биде исполнета со голем број на културни настани од домашни интерпретатори тргнувајќи од наши кумановчанки и кумановчани и секако ја очекуваме и Антониа Гиговска, рече Димитриевски.

Тој додаде дека и годинава нема да изостанат традиционалните активности наменети за најмладите, меѓу кои и присуството на Дедо Мраз и препознатливите празнични настани.

Претседателот на Занаетчиската комора Агрон Фазлиу вели дека базарот е најдолг во Македонија и ќе трае три недели.
– Верувам дека ќе биде во склоп на амбиентот за новогодишните празници, ги опфатиме и божиќните. Беше навреме известена јавноста дека ќе има јавен повик и се исполнија штандовите со адекватни производи и локални производи кои ја покажуваат нашата економија во најдобро светло, рече Фазлиу.

Базарот ќе трае цели 25 дена, а излагачите нема да плаќаат закуп.
Никола Ивановски

