Опожарувањата што зачестено ја зафаќаат територијата на Куманово ги мобилизираа локалните и државните институции.
Денес во Општина Куманово се одржа состанок на Локалниот совет за превенција, на кој се разговараше за зголемениот број пожари, критичните точки и начините како да се спречат нови инциденти во наредниот период.
Иницијатор на состанокот беше градоначалникот Максим Димитриевски, а меѓу присутните беа претставници од Секторот за внатрешни работи Куманово, Територијалната противпожарна единица, Основното јавно обвинителство, Регионалниот центар за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување.
Фокусот на разговорите беше насочен кон две најризични подрачја – локалитетите Стари Лозја и Бавчи – каде во изминатиот период беа регистрирани најмногу пожари.
Присутните констатираа дека неопходна е поорганизирана и координирана акција на терен, со што би се делувало и превентивно и репресивно.
Меѓу заклучоците што произлегоа од состанокот е заедничко делување на тимови составени од комуналната инспекција, полицијата и општински советници, кои ќе излезат на терен во критичните делови на градот и ќе работат директно со локалното население.
Дополнително, беше договорено Територијалната противпожарна единица да обезбеди мобилна опрема за гасење пожари – напртњачи и челични метли – кои ќе ѝ бидат ставени на располагање на полицијата за побрза реакција на терен.
За понеделник, 30 јуни, е најавен состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување, на кој ќе се дефинираат конкретни насоки за делување во текот на летниот период, кога се очекуваат високи температури и зголемен ризик од пожари.
Како дел од поширокиот план за заштита, јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ ќе започне со расчистување на дивите депонии во градот, кои се потенцијални жаришта.
Во наредната недела, Општината, полицијата и сопственици на мотокултиватори – кои често се поврзуваат со создавање на диви депонии – ќе одржат заеднички состанок со цел спречување на понатамошни ризици.
Сите овие мерки се дел од координиран одговор на локалната заедница за справување со сè поучестените пожари, кои со себе носат опасност по безбедноста на граѓаните и животната средина.
Никола Ивановски