Остра реакција попладнево упати кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски до власта откако беа донесени измени на Кривичниот законик.
Со овие измени се намалуваат затворските казни за „Злоупотреба на службена положба и овластување“ , но и „злосторничко здружување“.
Според Димитриевски бродот тоне, па се спасува кој може, а ги амнестира и претходниците, оти како што додава „врана на врана очи не вади“.
– Оваа исплашена и корумпирана власт достави предлог Закон до Собрание на РМ со радикални измени во КЗ со кои се намалуваат казните за злоупотреба на службената должност и тоа со европско знаменце во експресна постапка од три дена. Јасна е нивната порака, “бродот тоне, спасувај се кој може, спаси го и тој пред тебе, реципроцитет и амнестија”, или народски кажано „врана на врана очи не вади“, пишува Димитриевски во својата реакција.
Тој ветува дека ќе донесе правда и порача: „NO PASSARAN, Нема правда нема мир!“.
Измените на кривичниот законик беа донесени експресно и со европско знаменце, додека државата ја тресат многу афери за злоупотреба на службени положби.
Така за кривичното дело од член 353 „Злоупотреба на службена положба и овластување“ казната се намалува на казна од една до четири години затвор, додека за членот 394 „Злосторничко здружување“ со намалување на казната до 10 години на казна до 3 години.
Никола Ивановски