Димитриевски: Да покажеме поголема одговорност кон животната средина

Сподели со своите пријатели

По трет пат во Куманово се одржува еколошката акција „Генералка викенд“, организирана од „Man and Mountain“ во соработка со општината. Оваа година предвидено е да се чистат локациите околу СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ и СОУ „Перо Наков“ од страна на волонтерите и учениците, како и повеќе диви депонии од страна на ЈП “Чистота и зеленило”.

Loading...

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски денеска се заблагодари на сите волонтери и ентузијасти коишто ја покренаа оваа кампања, и на сите досегашни учесници.

„Тоа резултираше со многу голем граѓански активизам и покажување на многу поголема одговорност кон заштита на животна средина и дополнително, помодерно и посовремено, почисто урбано живеење. Нашата општина денеска со повеќе активисти од средните училишта, Црвениот крст, вработените во општината, учествува во овој настан на неколку локации, во близина на средното училиште „Гоце Делчев“, средното училиште „Перо Наков“ и во централното градско подрачје.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Две девојки повредени откако „поло“ излетало од автопатот Куманово - Табановце

Инаку, ние преку одделението за заштита на животна средина коешто е составен дел на Секторот за комунални дејности, всушност реализираме поголем број на активности за здрава и чиста еколошка средина во градот. Имаме проект “Куманово Мојот Зелен Дом”, во рамки на кој чистиме голем број на локации, дополнително ги озеленуваме истите со зелени садници, а вршиме и дополнителна едукација на еко тимовите во училиштата. Исто така, нашето јавно претпријатие „Чистота и зеленило“ веќе поседува современа опрема, работни машини багери и друг тип на камиони кои се користат за собирање на смет и чистење на дивите депонии коишто ги затекнавме во градот и уште многу вакви активности за средување на зелените површини“, истакна Димитриевски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Утре завршува ЕМОФ 2025. Македонија против Латвија и Унгарија за 7. место

Во изјавата, Димитриевски информираше дека поставуваат подземни контејнери за депонирање на смет, коишто се покажале како многу практични во пракса, затоа што еден контејнер менува некаде 7 стандардни контејнери според капацитет на собирање на смет.

„Со тоа се намалува дневниот сообраќаен метеж во градот поради зачестените потреби и износ на сметот во централното градско подрачје и ќе продолжиме со уште голем број на активности. Мојот апел првенствено до децата и до младите е да бидат одговорни кон својата животна средина, а кон повозрасните да работат на едукација на младите генерации, бидејќи сметот којшто ние денеска го собираме на овој генералка викенд всушност е смет којшто ние граѓаните го имаме создадено и направено. Доколку не покажеме поголема и повисока одговорност кон животната средина секојдневно ќе се соочуваме со исти проблеми, да живееме во нечисти градови, нечисти општини и нечиста држава. Не може едноставно волонтерите и јавните претпријатија, сите одговорни институции да исчистат толку многу колку што самите можеме да создадеме отпад и првенствено треба тоа да се решава на самоиницијативна база, со тоа што ќе бидеме вклучени во поголем број на вакви активности, а притоа дополнително ќе бараме начин да го намалиме отпадот којшто ние секојдневно го создаваме и да внимаваме каде го исфрламе“, потенцираше Димитриевски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Димитриевски: Нема да дозволиме ова што го имаме како држава да го изгубиме

Во оваа акција вклучени се учениците од двете училишта, екипи од јавното претпријатие „Чистота и зеленило“, општинската администрација, волонтери од Црвениот крст, како и волонтери од невладиниот сектор.