Во големата сала на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово денеска се одржа Свечена академија по повод одбележувањето на 77 години од ослободувањето и 502 години од формирањето на градот.
Пред бројните делегации и гости на градот се обрати градоначалникот Максим Димитриевски, кој истакна дека овој ден за кумановци е ден што претставува симбол на слободата, на победата, на вредностите кои треба да ги негуваме за сите нас, за нашите деца и идните поколенија.
– 11 ноември е од големо значење на нас кумановци. Денеска, одбележуваме 77 години слободно Куманово и од пред спомен Костурница им оддаваме најголема почит и признание на нашите борци, херои кои го ослободија нашиот град и нашата македонска држава. Овој ден е особено значаен во македонската историја. На денешен ден, во 1944 година наше Куманово е ослободено од бугарскиот и германскиот фашистички окупатор. 11 Ноември претставува симбол на слобода, пркос, победа, рече Димитриевски.
Осврнувајќи се на историјата, Димитриевски рече дека овие денови се значајни за да нѐ потсетуваат на сите жртви за слободата, за вистинското значење на зборот слобода.
– Народноослободителната и антифашистичка борба е нашата гордост. Борците од НОБ се хероите кои ни создадоа македонска држава и ни оставија аманет да ја чуваме, негуваме и унапредуваме Македонија. Борците од НОБ се најзаслужни што денеска имаме своја држава. Наше е денеска да ја штитиме македонската историја, јазик и идентитет. Да чуваме и да се гордееме со неа, затоа што отсекогаш македонскиот народ бил на вистинската страна, на страна на антифашизмот, на прогресот, на мирот. На страна на граѓаните, рече тој.
Како што додаде Димитриевски, Куманово е град во кој се почитуваат различностите и се негува соживотот.
– Македонци, Албанци, Срби, Турци, Роми, Власи, Бошњаци, сите заеднички и сплотено со една единствена цел: Куманово да биде поубаво место за живеење. Оваа цел успеавме да ја реализираме и да ја сочуваме. Денеска, без разлика на етничка, верска, политичка или каква било друга припадност, граѓаните се сплотени, граѓаните си помагаат и се почитуваат меѓусебно. Успеавме заеднички да создадеме похумано и поинклузивно Куманово. Верувам дека со истите вредности и принципи ќе продолжиме заедно, вели тој.
Во првиот мандат имплементиравме повеќе од 400 проекти, рече Димитриевски, кој додаде дека е создаде општина во која соживотот е на прво место.
– Ги подобривме условите во градинките, основните, но и средните училишта. Ја подобривме патната инфраструктура, вложуваме во гасификација, обезбедуваме поквалитетни услови за работа, градиме нови спортски игралишта и правиме се за да ја заштитиме животната средина. Нашиот концепт е граѓански, и токму затоа, во следните 4 години во планот за работа предвидено е реализација на повеќе од 800 проекти. Но, без поддршка од сите вас, од советниците нема да може да успееме, порача градоначалникот.
Свечената седница беше одбележана и со културно-уметничка програма.
Никола Ивановски / Стефан Младеновски