Дијалогот за унапредување на средното стручно образование „Учи паметно, работи стручно“, денеска продолжи во Куманово и Крива Паланка.
Заменик министерот за образование и наука Лулзим Алиу присуствуваше на настаните кои се дел од дијалогот помеѓу МОН и другите надлежни институции во областа на образованието, а беше одржана и дискусија со градоначалникот Максим Димитриевски, бизнис секторот, претставници на средните стручни училишта и меѓународни организации.
Целта на ваквите програми е креирање на уписната политика за учебната 2022-2023 година и унапредување на средното стручно образование.
– Овој проект е веќе втора година и добиените резултати од ланската учебна година колку се запишани, колку има зголемен интерес сигурно ќе сакаме да креираме успешни образовни политики и во учебната 2022/2023 да излеземе во пресрет на стручните училишта и професионалните смерови при средните училишта за да по нивно барање, која е нивната потреба, на тие смерови да им дадеме можност да запишат повеќе ученици, изјави заменикот министер Алиу.
Како што рече Алиу постојат компании во кумановско кои губурат со стручен кадар и тоа е целта на оваа политика, да се произведе тој кадар кој ќе остане да работи во градот, а младите да не размислуваат да се иселат од државата.
Според градоначалникот Димитриевски, во Куманово има две стручни училишта под надлежност на општината економското и техничкото, додека земјоделското е под надлежност на државата.
– Имаат за цел да произведат стручни кадри кои подоцна би биле ангажирани од капацитетите на нашиот град, а како што знаете во подем е техничката струка, веќе имаме реализирано инвестиција од странската компанија „Дрекслермаер“, дополнително до крајот на годината изградба на уште еден таков капацитет со можност до следната година за вработување до 2.000 луѓе. За тие капацитети ќе треба да се произведе стручен кадар, рече градонаачлникот.
Најакутелните струки во моментов се од областа на медицината и техничките науки, но во подем е и занаетчиството вели Димитриевски.
На средбите денескам, како што најави градоначалникот очекува да се разговара и за реалните потреби и проблеми во областа на образованието. Ќе се бара освен надлежностите за училиштата, државата да им префрла повеќе средства со цел да можат да инвестираат во образованието.
– Лично очекувам и јас, а и најголем број на колеги од ЗЕЛС, децентрализација на ваквите средства за да можеме што помасовно да ги користиме, рече Димитриевски.
Образовниот процес како што посочи првиот човек на градот е под голем проблем со економската и енергетската криза и за да може училиштата да си ги платат сметките ќе мора да се зголемат блок дотациите од МОН.
Наташа Јаневска од Стопанската комора на Македонија вели дека со години се занимаваат со оваа проблематика и воведувањето на дуалното образование го оценуваат како најефикасен метод за обезбедување стручен кадар за компаниите.
– Тоа значи дека компаниите ги поставуваат барањата, образовните институции кои порано беа како одвоен свет од компаниите успеавме да ги приближиме со бизнис заедницата, во тој начин да излезат пресрет да креираат образовни програми според потребите на компаниите, а компаниите што е многу важно да ги земат учениците на практична употреба за да им ги обезбедат стручните вештини, она стекнато во училишните клупи да се примени на работното место и потоа да можат да ги вработат по нивното завршување, изјави Јаневска.
Текст: Никола Ивановски / Фото: Стефан Младеновски

