Според неодамнешното истражување на Kaspersky, дигиталниот живот на децата започнува уште од рана возраст.
Дури 75 отсто од децата на возраст од седум до 13 години имаат свои мобилни уреди, што предизвикува вознемиреност и загриженост кај над 65 отсто од родителите.
Токму затоа оваа компанија најави ажурирана апликација за мобилната платформа „безбедни деца“, која вклучува и нови функции кои ќе им овозможат на родителите поголема контрола.
Сега тие можат да ги видат сите дигитални активности на нивните деца и нивните уреди на еден екран.
Ова значи дека возрасните можат да го видат статусот на корисникот на уредот и апликацијата од главниот екран, брзо и лесно да пристапуваат до извештаите на децата и веднаш да го блокираат уредот на детето со само еден допир.
– Со оглед на тоа што децата денес ги добиваат своите први уреди на многу рана возраст, сакаме да им обезбедиме на родителите ефективни и практични алатки за заштита на најмладите од непожелни дигитални искуства и воспоставување здрави дигитални навики. Токму оваа апликација им овозможува на родителите повеќе да се запознаат со онлајн интересите на нивните деца, а децата да научат одговорно дигитално однесување – изјави Марина Титова од маркетинг секторот на компанијата.
Во јавноста се почесто се споменува прашањето за поместување на долната граница на корисници на мобилни уреди.
Деновиве британски „Гардијан“ наведува дека секое петто британско дете на возраст од три до четири години има мобилен телефон.
Зголемениот број на корисници меѓу најмалите деца, пишува овој весник, го доведува во прашање јавното здравје, а експертите особено предупредуваат за времето поминато пред екранот.
Истражувањето на компанијата „Офком“ покажа дека овие деца имаат проблем со контролата на вниманието и дека итно треба да се спроведат мерки за забрана на користење на мобилни уреди од најмладите.
Научниците велат дека контекстот во кој децата користат апликации за мобилни телефони е клучен, по што тие изразија особена загриженост зошто толку многу три и четиригодишни деца имаат свои мобилни телефони.
Иако станува збор за уреди од кои се отстранети картичките и се користат само за гледање смешни видеа, сепак, сметаат тие, проблемот е што децата кои поминуваат време пред екранот немаат доволно други активности.
– Премногу време на телефон е проблематично доколку го намали времето на интеракција на децата со родителите и ги лиши од доволно сон и физичка активност – велат експертите.
Утврдено е дека на оваа најмала возраст не постои опасност децата да бидат загрозени од игри кои предизвикуваат дури и зависност, но дефинитивно се советува внимателност.
Експертите велат дека на децата им е потребна социјална интеракција, комуникација, игра, вежбање и сон и дека родителите треба да размислат дали е воопшто прифатливо да им дозволат да користат мобилни уреди.