Текст и фото: Министерство за правда
Министерката за правда проф. д-р Рената Дескоска денеска се сретна со амбасадорот на Сојузна Република Германија во Македонија, Н.Е. Томас Герберих придружуван од д-р Штефан Пирнер, раководител на проектот за Македонија при Германската фондација за меѓународна правна соработка (IRZ).
На средбата стана збор за подготовките во Министерството за правда околу препораките кои Република Македонија треба да ги исполни во однос на почетокот на пристапните преговори со Европската Унија.
Итните реформи и препораките од Извештајот на Прибе беа во фокусот на денешната средба, и во таа насока министерката Дескоска потенцираше дека и во самиот Извештај е нотирано да се следат одредени контури на германскиот правосуден систем, а особено во делот на квалитативното оценување на судиите, за разлика од домашниот систем кој содржи бројни елементи за квантитативно оценување на судиите.


