Во организација на Фото кино клубот „Козјак“, вечерва во Уметничката галерија ќе се одржи десеттиот јубилеен „Фото – Салон Куманово 2015“, една од најстарите изложби во Македонија која традиционално се организира секоја година во Куманово.
Оваа изложба започнала да се организира во далечната 1974 година, додека од 2003 година до ден денеска традиционално се организира секоја година.
Десеттиот јубиларен Фото-Салон е под пратронат на сите светски организации ФИАП, Американската организација ПСА, азиската организација ГПУ и домашниот Фото Сојуз на Македонија и Народна техника. На изложбата ќе бидат поставени 120 фотографии во четири теми: слободна тема (црно-бела), слободна тема (колор), природа и живот. На конкурсот за изложбата се пријавени 400 автори од 60 земји.
Жири комисијата на јубиларниот Фото Салон беше во следниот состав: Раша Милојевиќ, Боро Рудиќ и Борислав Миловановиќ. Двајца членови на Фотко клубот „Козјак“ се закитија со награди и тоа Глигор Максимовски и Милош Нешковски, а учество земаа сите останати членови на клубот.
Овој десетти по ред Фото Салон ќе се одржи со почеток во 19.30 часот во просториите на Уметничката галерија.