Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“ во Куманово годинава повторно го привлече вниманието на љубителите на драмската уметност.
Според директорот на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово, Сашо Тодоровски, фестивалот досега бележи одлична посетеност и позитивни реакции од публиката.
– Досега на фестивалот имавме осум претстави, изминаа осум фестивалски денови, навистина сме презадоволни и од приемот на публиката и од претставите. Очекуваме интересот да остане таков и до крајот на фестивалот, изјави Тодоровски.
Следната претстава ќе биде од Сатиричниот театар „Алеко Константинов“ од Софија, Бугарија, по што ќе следи кратка пауза за подготовка на кумановскиот театар.
Директорот на Центарот за култура изрази уверување дека и годинашната кумановска претстава ќе го оправда очекувањето на публиката.
– Очекуваме дека кумановската претстава ќе доживее успех како и секоја година. Присуствував на неколку театарски проби, навистина екипата се забавува и сигурен сум дека ќе имаме успешна театарска претстава. Првата премиера е закажана на 9 октомври, втората реприза на 10 октомври кога ќе ги доделиме наградите, а исто така имаме уште еден термин на 13 октомври. Сигурни сме дека и тој термин ќе биде пополнет“, истакна Тодоровски.
Со кумановската претстава, како што најави директорот, ќе биде затворено годинашното издание на фестивалот.
– Навистина се радуваме што, како и секоја година, и оваа година кумановскиот театар ќе ги затвори фестивалските денови и сигурно ќе имаме успех на таа театарска претстава, додаде Тодоровски.
Никола Ивановски