Во Основниот суд Скопје 1 денеска продолжи судскиот процес против 29-те лица обвинети за настаните во кумановската населба Тоде Мендол, во народот позната како Диво насеље.
Обвинителството повика околу 40 заштитени сведоци. Досега сведочеа само неколкумина од нив, а претходно сведоци беа и неколку жители на „Дива населба“.
Обвинетите се товарат за сторени кривични дела „терористичка организација” и „тероризам”. На 7 декември минатата година сите 29 обвинети лица за тероризам пред Советот од судии на Основниот суд Скопје 1 се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за делото „тероризам“.
На 9 и 10 мај 2015 година во кумановската „Дива населба“ вооружена група се судри со безбедносните сили. Во престрелката загинаа осум полицајци од специјалните и посебните единици на МВР, додека четириесетина беа тешко повредени. Убиени беа и десет лица од вооружената група.
Поради судскиот процес утрово околу Судот и на околните сообраќајници има засилено полициско обезбедување, а околината ја надлетува и полициски хеликоптер.