Денес е Сретение Господово: Ден кога се сретнуваат зимата и пролетта

Сподели со своите пријатели

Според Јулијанскиот календар денеска е 2-ри февруари, ден кога православните верници го празнуваат празникот Сретение Господово, за кој се вели дека е ден кога се сретнуваат зимата и пролетта. Празникот е меѓу дванаесетте најголеми христијански празници, а секогаш се празнува 40 дена по Божиќ.

Празникот Сретение е еден од 12-те големи црковни празници, заедно со Рождество, Богојавление, Воскресение, и како и тие, има длабока спасителна смисла. Реалниот настан врз кој се темели длабоката содржина на овој празник е расказот за Симеон, кој по неговата средба со Бога беше наречен Богопримец. На овој старец преку ангел му било кажано дека нема да умре дури не го види ветениот Помазаник, Месијата. На неговото чекање доаѓа крај 40 дена по раѓањето на Исус Христос. Според Мојсеевиот закон, во тој ден секое првородено машко дете се носело во Ерусалимскиот храм. На тој ден, во храмот, се случила средбата на свети Симеон и Богочовекот Исус Христос, и тоа е првата средба лице в лице на човекот со Бога. Длабоката смисла на овој празник се состои токму во таа оттогаш отворена можност за општење со наднебесниот Бог лице в лице.

Според еврејските закони жената што родила машко дете се сметала нечиста 40 дена по породувањето, а таа што родила женско 80 дена. Потоа морала да појде во црквата и да даде јагне за откуп на гревовите. Сиромасите наместо јагне давале две грлици или два гулаби. Според овие обичаи и Богородица на 40-тиот ден по раѓањето го однесла Исуса во црквата за да го посвети на Бога, а самата да се очисти. Во тоа време во црквата служел праведниот свештеник Захариј, таткото на св. Јован Крстител. Тој ја ставил Богородица на местото за девојките, а не за жените.

Како што можел да го избегне обрезанието, Исус можел да го одбегне и овој чин што значел очистување и за мајката и за детето. Но Исус секогаш ги потврдувал законите и со тоа со личен пример покажувал како треба да се почитуваат обичаите и законите. „Бидејќи Он Самиот-Логосот Божји му го даде законот на Мојсеј, кога ја прими човечката природа требаше да го исполни, за да не изгледа како престапник на Законот. (…) Исто така, според Гругориј Палама Христос немаше потреба од очистување, бидејќи очистувањето беше востановено како закон во Стариот завет и за родителите и за родените, но тоа го направи поради послушност кон Законот што Он самиот го даде. Христос немаше потреба од очистување, затоа што беше зачнат бессемено и се роди нетрулежно. „Во секој случај немаше потреба од очистување, туку тоа беше дело на послушност.“ Значи ниту Богородица била нечиста, ниту нејзината рожба. Тие дошле во храмот само за да се исполни законот.

На иконата се гледа старецот Симеон кој во рацете го зема малиот Исус, а се гледаат и Богородица, пророчицата Ана и свештеникот Захариј како и двата гулаба што Богородица ги принесла како жртва.

Следниот ден по Сретение Господово односно на 16/3 февруари Светата црква го празнува споменот на старецот Симеон и пророчицата Ана.

Меѓу народот се вели дека Сретение е празник кога се сретнуваат зимата и пролетта и дека по овој празник не може да има такви студови како пред него.