Ден на жалост во Косово поради земјотресот во Турција и Сирија

Сподели со своите пријатели

Во знак на солидарност и почит на жртвите од разорниот земјотрес во Турција и Сирија, денеска во Косово е Ден на жалост, а седницата на Владата почна со едноминутно молчење.

Loading...

Косовскиот премиер Албин Курти на почетокот на седницата на Владата изјави дека Косово е шокирано од земјотресот што ги погоди Турција и Сирија, а кој резултираше со повеќе од 11.000 трагично загубени животи.

„Во мое име и во име на Владата на Косово, изразувам искрено сочувство до семејствата на жртвите, кои ги загубија своите најблиски. На повредените им посакуваме брзо закрепнување“, изјави Курти.

Тој посочи дека Косово и народот на Косово се со Република Турција и турскиот народ, со највисока подготвеност за поддршка.

„Врз основа на нашите можности, ќе помогнеме да се надмине оваа трагедија. Во подрачјата погодени од земјотресот веќе се контингент на косовските безбедносни сили, специјалисти за урбано пребарување и спасување, итната медицинска помош и единиците К9 (кучиња спасувачи)“, рече премиерот.

Велејќи дека денеска е Ден на жалост во Косово, тој го повика својот кабинет на едноминутно молчење во знак на илјадниците трагично загубени животи во Турција и Сирија.

Во согласност со Денот на жалост, националните знамиња на сите косовски институции денеска се спуштени на половина копје.