Дел од водостоите покачени, Пчиња допрва ќе расте

Сподели со своите пријатели

Во текот на вчерашниот ден под влијание на циклонска активност и влажна воздушна маса од Медитеранот паднаа врнежи од дожд кои беа најизразени во западните делови на земјата каде на повеќе места наврнаа над 30 l/m2. Тоа предизвика зголемување на водостојот на реките во земјава а најмногу во сливните подрачја на водотеците во западниот дел на државата.

Според податоците од набљудувачите на Секторот за хидрологија зголемување на водостојот во однос на вчерашниот има на р.Црна-Новаци (за 58 см), р.Вардар-Јегуновце (за 35 см), р.Сатеска-Ботун (за 33 см), р.Радика-Бошков Мост (за 18 см), р.Црн Дрим-Ложани (за 18 см) и р.Треска-Македонски Брод (за 17 см) каде покачувања се очекуваат и во текот на денешниот ден. Речните корита во овие сливни подрачја сеуште имаат простор да примат вода но се очекува натамошно зголемување на водостојот и нивно полнење во текот на денешниот ден.

Според прогнозата на синоптичарите денеска пообилни врнежи се очекуваат во јужните и југоисточните делови на земјава каде на места се најавуват и над 50 l/m2. Зголемување на водостојот се очекува да има во сливот на р.Струмица, р.Брегалница, р.Пчиња како и на водотеците од планинскиот масив Кожуф (р.Бошава, р.Дошница, р.Кованска, р.Серменинска, р.Анска, р.Луда Мара, р.Стара) каде доколку врнежите бидат поинтензивни се очекува брза реакција на речните сливови и брзо формирање на речното истекување. Со претпазливост да биде следен сливот на р.Струмица како во горниот дел (Радовишкиот крај) така и низводно во средното и долното течение на реката. Се очекува и активирање на сите суводолици во југо-источниот дел на земјава а можна е и појава на одрони и свлечишта.

Исто така, поради највениот интензивен карактер на врнежите (за кратко време локално се очекуваат и над 50 l/m2) во населените градски урбани средини во источниот и југоисточниот дел на државата каде поради неможноста за впивање на водата (асфалтираните улици и бетонот кои се непропусни) и на места каде има проблеми со атмосферската канализациона мрежа можно е брзо формирање на истекувањето.

Препорачуваме да се следи состојбата на сите оние места каде поради природни или вештачки причини има стеснување на напречниот пресек и намалување на пропусноста на реките како и на местата каде има градби во пониските делови од речните корита, велат од Секторот за хидрологија при УХМР.