Во Венецуела започна вакцинацијата против корона вирусот за деца од 2 до 11 години со кубанската вакцина Соберана 2, изјави потпретседателката на Венецуела, Делси Родригез.
Куба, близок сојузник на владата на претседателот Николас Мадуро, тврди дека нејзините вакцини Абдал, Соберана 2 и Соберана Плус имаат ефикасност од повеќе од 90 отсто, пренесува Ројтерс.
Додека кубанските власти тврдат дека првичните резултати се слични на оние на другите вакцини кои значително го намалуваат преносот на вирусот, тешката клиничка слика и смртта, критичарите се жалат дека овие резултати сè уште не се потврдени, наведува Ројтерс.
– Во Венецуела веќе е дозволена употреба на кубанската вакцина Соберана 2 за вакцинација на деца од 2 до 11 години – изјави Родригез на државната телевизија, додавајќи дека прво се вакцинираат децата чиј имунолошки систем е загрозен.
Венецуелскиот министер за здравство Карлос Алварадо изјави дека во земјата има околу 3,5 милиони деца на возраст меѓу 2 и 11 години.
Венецуелската академија за медицина и наука, како и педијатриските синдикати, изразија загриженост за употребата на кубанските вакцини бидејќи веруваат дека податоците за нивната безбедност и ефикасност не се објавени во научни списанија и дека нивниот квалитет не е потврден со независни клинички испитувања или Светската здравствена организација.
Најголем дел од вакцините кои беа доставени до земјите-членки на ОПЕК беа рускиот Спутник V и кинескиот Синофарм и Синовак, кои исто така пристигнаа во Венецуела преку глобалната програма Ковакс.
Владата на Мадуро соопшти дека 70 отсто од 28-те милиони граѓани на Венецуела биле вакцинирани и дека 90 отсто од населението се очекува да бидат имунизирани до крајот на годината.