Не државата, туку граѓаните треба да го финансираат јавниот дифузен сервис кој, пак, мора да обезбедува точни и навремени информации од интерес за сите, без какви било влијанија, најмалку политички. Програмскиот совет, пак, мора да биде максимално транспарентен и секоја своја седница да ја закажува јавно, порачаа поранешната директорка и уредничка на ХРТ Мирјана Ракиќ и Бранкица Петковиќ од Програмскиот совет на РТВ Словенија на денешната јавна дебата за деполитизација на Програмскиот совет на МРТ.
Според Петковиќ, исклучително негативен тренд е МРТ да се финансира од државниот буџет. Тоа може да биде само привремена форма, но, како што рече Петковиќ, во секој случај не е добро, додека нетранспарентоста на Програмскиот совет е апсолутно неприфатлива.
– Нетранспарентноста не доаѓа предвид. Јас не би седела на седница ако за неа не се известени сите, вклучувајќи ја и јавноста. Во Советот сме само привремено, но за да ги браниме највисоките стандарди на основањето и програмската работа. Наша задача е, според етичките кодекси, да бидеме чесни и непристрасни. Забрането е да се бара однапред да се влијае врз одлуката што ќе се објави или да се препрашува дали да се известува. Наша обврска е да реагираме ако нешто не е во ред, подвлече Петковиќ, додавајќи дека седниците на Програмскиот совет на РТВ Словенија се објавуваат на веб-страницата на телевивизијата и директно да се пренесуваат, а акредитираните новинари добиваат покана за присуство.
Ракиќ, пак, напомена дека дала отказ од функцијата претседател на Програмскиот совет откако работите, како што рече, ја преминале границата.
– Мора да го штитите својот интегритет, независно кој ве поставил на функцијата и на кој начин имате нарема да делувате. Сите ние имаме некаква граница. Кога некој политички се обиде да ја премине, тогаш се заблагодарувате и тоа јавно, нагласи Ракиќ.
Во врска со финансирањето на јавниот сервис, уште еднаш подвлече дека мора да биде стабилно, но со пари од граѓаните.
– Врската меѓу јавниот сервис и граѓаните е клучна. Се согласувам дека во некоја предона фаза треба да се помогне, но граѓаните се тие што треба да ја плаќаат програмата. Другата страна треба да се грижи за квалитетот, точноста на информациите, правовременоста и стандардот на говор. Тоа е најважно. Во спротивно, се губи основната идеја – што сакате. Единствена обврска на јавниот сервис е да пренесува информации важни за јавноста. Само информирани граѓани можат да одлучуваат во своето општество, рече Ракиќ.
На дебатата најпрво беше презентирана компаративната анализа на програмските совети на јавните радиодифузни сервиси во Македонија, Хрватска и Словенија по што свој осврт даде актуелната претседателка на Програмскиот сервис на МРТ Снежана Клинчарова. Таа ги отфрли како неточни заклучоците во анализата дека Програмскиот совет не реагирал кога уредништвото на МРТ донело одлука да не се следат настаните во Собранието на 27 април и делумно да се покриваат прес-конференциите за т.н. бомби што ги лиферуваше СДСМ.
– Не е сосема точно тврдењето дека МРТ не известувала за нелеглано стекнатите разговори зашто уредништвото зазема став дека ќе ги пренесува сите прес-конференции на СДСМ, но не и нелегалните снимки. Ставот на уредништвото тогаш беше изграден врз основа на писмото – препорака од Јавниот обвинител на РМ. На нашето прашање, одговорија дека не би сакале да ризикуваат да се соочат со тужби и судови, објасни Клинчарова, нагласувајќи дека Програмскиот совет ниту можел, ниту се мешал во ставот на уредништвото.
По нејзиното излагање, Петковиќ рече дека вакви напнатости и ситуации во и надвор од Програмскиот совет се вообичаени и составен дел од работата, вид демократија во мало. – Секогаш ќе има дебати, но најважно е да има заедничко разбирање што е јавниот сервис – дека тоа е нашето богатство, наша заедничка вредност која мора да ја браниме како нешто што не обединува, а не како нешто што го разделува и уништува она што го сочинува нашето општество, во случајов, вашето, македонско, подвлече Петковиќ и додаде дека секое непочитување на стандардите, го руши угледот на јавниот сервис.
Компаративната анализа чиј автор е Љиљана Митевска, констатира дека Програмскиот совет на МРТ наместо да го штити интегритетот на јавниот сервис, спротивно на Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги, се претвори во тело кое ги формализира одлуките на владејачките партии. Анализата препорачува отворање јавна дебата за темелни реформи на МРТ и избор на членовите на Програмскиот совет преку јавен конкурс, односно напуштање на постојниот концепт на овластени предлагачи.
Изнесени се и разликите во составот на програмските совети. Словенечкиот брои 29 членови од кои 16 се бираат на јавен повик, хрватскиот 11 од кои девет се бираат на јавен конкурс, а македонскиот има 13 кои се бираат на предлог на седум овластени предлагачи.
Законското решение за составот на Програмскиот совет на МРТ, соти во анализата, остава голем простор за директно политичко влијание врз јавниот дифузен сервис.
Извор: МИА