Данската премиерка Мете Фредериксен изјави во саботата дека израелскиот лидер Бенјамин Нетанјаху станал „проблем“, додавајќи дека ќе се обиде да изврши притисок врз Израел во врска со војната во Газа, бидејќи Данска моментално претседава со ЕУ.
– Нетанјаху сега е проблем сам по себе – рече Фредериксен во интервју за весникот „Јиландс-Постен“, додавајќи дека израелската влада оди „предалеку“.
Лидерот на централно-десничарската партија остро ја критикуваше „апсолутно ужасната и катастрофална“ хуманитарна ситуација во Газа, како и проектот за изградба на нови населби на окупираниот Западен Брег.
– Ние сме една од земјите што сака да го зголеми притисокот врз Израел, но сè уште не сме ја добиле поддршката од членките на ЕУ – рече Фредериксен.
Таа додаде дека сака да разгледа „политички притисок, санкции, без разлика дали против доселеници, министри или дури и против самиот Израел“, осврнувајќи се на трговски или истражувачки санкции.
– Ние не исклучуваме ништо однапред. Како и во случајот со Русија, ги обликуваме санкциите така што тие се насочени кон онаму каде што мислиме дека ќе имаат најголем ефект – додаде Фредериксен, чија земја не е меѓу оние што ја признаа палестинската држава.