Убедливо мнозинство Данци, речиси 67 отсто, гласаа на референдумот во средата за приклучување кон одбранбената политика на ЕУ – покажуваат официјалните резултати врз основа на 97 отсто од преброените гласови.
Претходно, излезните анкети, објавени веднаш по гласањето, покажаа дека околу две третини од Данците гласале за напуштање на 30-годишната политика на Данска да не се приклучува на заедничката одбранбена политика на Европската унија.
„Данска вечерва испрати важен сигнал до нашите сојузници во Европа и НАТО и (до претседателот Владимир) Путин. Покажуваме дека кога Путин ќе преземе слободна земја и ќе ја загрози стабилноста во Европа, ние се здружуваме“, рече данскиот премиер Мета Фредериксен во средата навечер.
Водачите на ЕУ Урсула фон дер Лајен и Шарл Мишел го поздравија „историското“ гласање на Данска за приклучување кон одбраната на ЕУ претходно во средата.
Референдумот е последниот пример на европска земја која бара поблиски воени врски со своите сојузници како одговор на руската инвазија на Украина.
Претходно, Шведска и Финска донесоа историски важни одлуки за барање членство во НАТО, за што ќе се разговара на самитот на Алијансата следниот месец.
Пристапувањето на Данска во европската заедничка одбранбена политика би имало релативно скромно влијание врз безбедносната архитектура на Европа, особено во споредба со приемот на Шведска во НАТО.
Но, Кристин Нилсен, истражувач во данскиот институт за меѓународни студии, рече дека и двата потези се „дел од истата приказна“ и ќе ја зајакнат воената соработка на континентот во времето на рускиот напад врз Украина.
Главниот ефект од учеството ќе биде тоа што данските функционери можат да останат во просторијата кога колегите од ЕУ разговараат за воени прашања и дека данските трупи можат да учествуваат во европските воени операции.
Пред три децении Данска одлучи да не учествува во разговорите за безбедносната политика во ЕУ, нејзиниот развој и набавката на оружје. Исто така, таа досега не учествувала во заеднички воени операции на ЕУ.
На референдумот во 1993 година, Данска исто така одлучи да не учествува во европската соработка за правда и внатрешни работи, заедничка валута и државјанство.