Актуелниот градоначалник на Општина Куманово, Зоран Дамјановски го финишира својот трет мандат како прв човек на градот. Денеска се одлучивме за интервју со Дамјановски, за тоа како е задоволен од остварените проекти, моменталната политичка состојба, но и идните визи кога се во прашање локалните избори.
КМ: Еве веќе третиот мандат Ви истекува, последниот период се работи активно на инфраструктурата. Како сте задоволни од онаа што успеавте да го сработите?
Дамјановски: Динамиката е очекувана, тоа е тековна програма, развојна програма на општината и минатата и предминатата година. Оваа година е направена развојна програма за некаде 40 илјади квадратни метри за изградба и реконструкција на постоечка патна инфраструктура и некаде околу 6-7 илјади квадратни метри е реконструкција на ударни дупки, односно цели платна на определени делови од градот каде имаме големи оштетувања поради тешката зима, многу долг период на замрзнување, кој остави последици на патната инфраструктура и бевме приморани да направиме првин крпење на ударни дупки, санација и сега ја правиме втората фаза реконструкција и изградба на постоечка патна инфрастрктура. До сега анализирано, 45-50 проценти од планираната квадратура се санира, се гребе горниот слој и се нанесува во длабочина од 5-7 сантиметри, зависно на која позиција сме за да можеме да се уклопиме со сливните шахти. Тоа е еден проект кој очекувано во Куманово во последниот период е главен проблем и затоа овие две години ставаме акцент на нашата развојна програма. Сега во моментот во завршна фаза е и тендерот за изградба на три големи улици, улицата „100“ во должина од 2,2 километри, „Тоде Думба“ во должина од 1.300 метри и улицата „Тоде Мендол“ исто така која е подолга од 2 километри, така да ќе направиме уште еден дел од таа програма за реконструкција. Со оваа програма мислам дека ќе бидат ублажени односно драстично подобрени потребите, односно онаа што граѓаните го бараат од нас, реконструкција и изгадба на постоечка патна инфраструктура. Паралелно со тоа одиме на периферијата на градот каде имаме улици со површина од 3.500 квадратни метри во населбите Перо Чичо, Карпош, Иго Тричковиќ, Ајдучка Чешма, значи сите овие населби кои имаат отворени проблеми паралелно таму работиме и канализациона мрежа, имаме две позиции кои таму ги завршуваме, а паралелно имаме и некои два помали тендери за доградба и изградба на водоводна мрежа за некои делови кои немаат адекватна достава на вода. Сакам да истакнам дека во Куманово гледате едно големо градилиште, долг период се имплементира ИПА проектот кој локалната самоуправа заедно со изведувачите, односно ИПА2 компонентата која ја добивме со конкурс преку Министерството за екологија, направивме проект и потоа врз основа на студија е во фаза на имплементација од 26 километри изградба и реконструкција на канализациона мрежа, а исто така и санација и враќање во првобитна положба на сите тие оштетени делови на градот. Сега во моментот го работиме кругот околу Гимназијата, тоа е инвестиција на општината, тоа го завршивме, сега завршуваме „Прва петолетка“, ја тргнавме коцката, така да овој пристап до детската градинка и училиштата ќе биде завршен во наредните неколку дена и се ориентираме во овој друг дел во населбата Иго Тричковиќ и населбата Карпош каде завршивме две улици, сега се ориентираме на други две и продолжуваме со развојната програма.
КМ: Граѓаните, а и опозицијата Ви замеруваат дека тоа се прави предизборно, како реагирате на таквите коментари?
Дамјановски: Имаме многу коментари. Денеска социјалните мрежи доживеаа свој врв и секој граѓанин има свои индивидуални ставови, меѓутоа за волја на вистината мора да потенцирам дека тоа не е точно. Како што кажав и во првото прашање ова е трета година по ред како имплементираме развојна програма и најголем процент од средствата од развојната програма се наменети за изградба и реконструкција на постоечка патна инфраструктура, изградба на тротоарна мрежа и самите знаете дека во моментот имаме бекатонирање на тротоари во површина од 25.000 квадратни метри, минатата година имавме некаде околу 15.000 квадратни метри. Секоја година тоа го правиме, точно е дека пред две до три години имавме капитална инвестиција, затворениот и отворениот базен и поголем дел од буџетските средства одеа во таа капитална инвестиција, така да помал процент остануваше на конто на комуналната инфраструктура. Бидејќи добивме ИПА проект од 4,5 милиони евра и нов проект со УСАИД каде локалната самоуправа партиципира со 200.000 евра, реконструкција и изградба на речното корито од автопатот до сливот на реката Липковка и Којнарка во должина од 1.800 метри и реконструкција на два моста така да тоа е околу 1, 7 милиони евра. Во понеделник започнува интензивна работа за регулација на речното корито, така да паралелно течат неколку проекти и Куманово навистина има еден проблем што од тие градежни работи се оптеретени со успорување на сообраќајната комуникација, сообраќајот е компромитиран во самиот град, од позиција на неколку места имаме отворени градилишта, така да апелирам во овој момент и до трпение затоа што мислам дека до крајот на годината ќе бидат затворени сите овие проекти.
КМ: Во среда кај базените ќе отпочне изградба на нов парк, „Парк на бранителите“. Кажете ни нешто повеќе за овој проект, што може да очекуваме да се најде таму, чии спомен обележја ќе бидат поставени и кога би завршил таквиот проект?
Дамјановски: Тоа е еден проект кој јас го добив како претседател на регионот, преку Североисточен плански регион по принципот на рамномерен регионален развој, некаде во големина од околу 3 милиони денари, распишан конкурс преку регионот, советот донесе неколку проекти и тоа е уредување на една зелена површина во големина од околу 3.000 квадратни метри, тоа е онаа запуштена површина помеѓу улицата „Моша Пијаде“ и економското училиште и паркингот пред базенот. Тука имаме една убава површина која ќе ја уредиме со неколку фонтани, клупи, осветлување, нови зелени површини. Имаме поставено барање од невладини организации за поставување на спомен обележја, дали се тоа Здружение на загинатите од 2001, од Диво насеље или други здруженија кои имаат намера да направат спомен обележја за одредени личности кои дале допринос за независна, слободна и демократска Македонија, кои давале допринос да се развие свеста кај граѓаните, Македонија да се естаблира како држава, ние ќе им понудиме можности, определени локации да се дадат за поставување на тие обележја. Ние како локална самоуправа имаме намера со програма врз основа на барање на невладините здруженија со одлука на совет определени средства од Буџетот да одделиме за поддршка на тие проекти. Иницијативата е на невладините организации и само така може да дојдеме до имплементација на овие здруженија. Постојано имаме критики и притисок од граѓаните да се изгради споменик оваков, онаков, но тоа треба да се направи со иницијатива на здруженијата, дали тоа се семејства на загинатите и врз основа на таа иницијатива ќе се определи габаритна маркица и ќе се даде идејна визија и решение на самото спомен обележје, бидејќи споменикот е во надлежност на републичкото собрание, а спомен обележја во надлежност на локалната самоуправа. Тие влегуваат во програмата за спомен обележја која е донесена пред неколку години кога ние на совет ја донесовме програмата и врз нејзина основа ќе можеме да ги реализираме сите овие заложби. Ги повикувам сите заинтересирани здруженија на граѓани да го искористат овој момент, бидејќи ова ќе биде едно убаво зелено катче, тоа го искористивме така што добивме пари преку регионот и нив ќе ги инвестираме во нови зелени површини за дигање на еколошката свест на граѓаните. Пред се сметам дека тука Куманово е едно од послабите точки. Имаме три паркови, еден на кејот, друг најголемиот градски парк кој е сега во фаза на реконструкција, Соколанскиот парк кој е еден од помалите во склоп на Атлетскиот полигон, заедно таму направивме еден спортско-рекреативен центар и мислам дека немаме добра подготовка, односно добро одржување на самите површини. Имаме дефицит на водоснабдување, така да во вакви услови како што се оваа лето со тропски горештини многу тешко може да ги одржуваме во кондиција зелените поврини. Се обидувам со максимални напорни тоа да го ублажиме, бидејќи немаме доволно транспортни средства, цистерни за да можеме покрај цистерните, знаеме дека високите зони во овие услови имаат проблеми со водоснабдување, така да на тоа даваме приоритет. Оваа нова површина ќе даде нова димензија на тоа и ќе го култивизира и урбанизира тој дел на градот кој ќе добие поурбана димензија, тука имаме убави спортски терени. Тој дел на градот добива многу поурбан изглед и целина со што има голем процент на граѓани кој живеат во тој округ, голем стамбен комплекс и оваа површина ќе биде зелена оаза за тие луѓе. Неколку пати реагиравме, зад зградите на економското училиште да го исчистиме тој простор, да го култивираме, меѓутоа повторно апелирам дека мора да го дигнеме нивото на еколошката свест за да ги одржуваме овие зелени површини и тоа ќе биде апел во среда кога ќе направиме отпочнување на работите на овој парк кој ќе претставува нова етапа во градење на нови зелени површини и зачувување на животната средина.


