Со еден освоен бронзен медал и пласман до четвртфиналето на останатите натпреварувачи, КБК Куманово 2006 го заокружи настапот на меѓународниот турнир „Балкан Бест Фајтер“, кој викендов се одржа во Ниш, Република Србија.
Бронзениот медал го освои Дамјан Блажевски во дисциплината кик-лајт, во категорија до 57 килограми.
Неговиот клупски колега Кристијан Томевски настапот го заврши во четвртфиналето, каде беше поразен на поени од противник од Србија.
И покрај елиминацијата, Томевски прикажа храбра и борбена изведба, но не успеа да обезбеди пласман во полуфиналето.
Останатите претставници на клубот не настапија поради болест и повреди.
„Секако сум задоволен од резултатите и од прикажаните борби, иако секогаш може повеќе и подобро. Со овој турнир ја завршивме натпреварувачката сезона и, ако сме здрави, догодина продолжуваме со ист ритам“, изјави тренерот на КБК Куманово 2006, Сашо Илиевски.

На турнирот учествуваа околу 300 натпреварувачи од повеќе балкански држави, а најмногу медали освоија клубовите од Македонија – околу 100, со што уште еднаш беше потврдено дека кик-боксот е најтрофеен и најмасовен спорт во државата.
Никола Ивановски

