„Хероите живеат вечно – Диво Насеље“ бил транспарентот поради кој триесетгодишник од Куманово бил приведен денеска, велат објавите на социјалните мрежи, но и неговите блиски пријатели.
Полицијата го сомничи дека се обидел да го внесе на натпреварот Македонија – Романија, но не соопшти каква содржина имал транспарентот, туку само дека бил навредлив.
Приведениот навивач, всушност е администратор на популарниот Инстаграм профил мк.пиреј, а луѓе блиски до него велат дека транспарентот не бил навредлив и на него пишувало „Хероите живеат вечно – Диво насеље“, со цел на припадниците на безбедносните служби кои загинаа во оваа кумановска населба да им се одаде почит.
View this post on Instagram
Според информациите до кои дојде Кумановски Муабети, постоел обид да се внесе транспарентот на полувреме од натпреварот, но тоа не било дозволено, по што лицето кое денеска било приведено, го вратило во својот автомобил и подоцна продолжило да го следи натпреварот.
Од МВР нема конкретни информации за каков транспарент се работи. Оттаму додаваат дека уште неколку лица биле повикани на информативен разговор во врска со ксенофобично и навредливо скандирање.
За случајот се крена прашина откако на прес конференција првин обвини ДУИ, па следуваа реакции од низ политички партии. Федерацијата, Општината, но и навивачката група Кумани веќе се оградија и ги осудија таквите случувања.
Никола Ивановски