На сите ни треба долг и мирен сон, за да можеме да функционираме без стрес и нервоза. Секој има свој вечерен ритуал и навика од која не се откажува кога е во прашање спиењето.
Некои имаат навика да спијат во затемнета просторија, додека други сакаат да ги буди сончевата светлина.
Но, има и такви кои спијат во просторија студена како мраз и оние кои не можат да жалат што летото веќе не е актуелна сезона, па се надокнадуваат со греење.
Сепак, според многу истражувања, телото и метаболизмот ќе бидат поздрави доколку температурата во просторијата во која спиете е пониска.
Повисоките температури значат дека телото ослободува повеќе хормони на стрес наречени кортизол. Поладна соба може да помогне во одржување на нивото на кортизол, што значи помалку стрес и подобар квалитет на сон.
И не само тоа, експертите тврдат дека спиењето во топла соба може да влијае на лошите соништа, кои често ги припишуваме на стресот.
Која е оптималната температура за добар сон?
– Температурата на просторијата во која спиете би можела да игра голема улога во пореметувањето на сонот и кошмарите – вели д-р Нил Стенли.
Тој наведува дека оптималната температура за добар сон и здравје е околу 18 степени, а се што е над тоа може да предизвика здравствени проблеми.
– За да имаме добар сон, мораме да изгубиме околу еден степен од внатрешната телесна температура, што е околу 37 степени. Тој степен најмногу го губиме преку лицето и главата, односно преку делот од телото што штрчи од постелнината. Кога сме во длабок сон, нашето тело ги извршува клучните задачи како што се поправка на клетките и консолидирање на меморијата, но не е во состојба да ја регулира телесната температура.
Ако спиете во соба која е премногу топла, температурата на вашето тело не може да ја изгуби таа топлина и постои можност да ви се наруши сонот – објаснува д-р Нил и додава дека спиењето во соба со температура од 16 до 18 степени може да им помогне на луѓето кои ‘рчат.
Според него, разбирливо е што луѓето сакаат да спијат во топли простории, особено во зима, бидејќи не е лесно да се одржи оваа температура.
– Пожелно е да користите ќебиња од памук или природни влакна, како свила, бидејќи одлично ја одржуваат температурата. Загрејте ја спалната соба во текот на денот, а исклучете го парното неколку часа пред да си легнете – заклучил доктор Нил.