Д-р Иван Аргиров од Куманово учествуваше на Европскиот хируршки конгрес во Италија

Сподели со своите пријатели

Д-р Иван Аргиров, лекар во Општата болница Куманово и специјализант по општа хирургија, учествуваше на 27. Европско хируршко здружение кое се одржа од 4 до 8 октомври во Бари, Италија.

Како што вели тој, настанот претставувал значајно професионално и лично искуство. На конгресот тој учествувал со научен труд под наслов „Високостепен неуроендокрин карцином на дебело црево“.

„Станува збор за една ретка патологија. Целта на истражувањето и презентацијата ми беше да ја покажам комплексноста на дијагностицирањето како и мултидисциплинарниот пристап во третман на оваа сериозна канцерска патологија. Добив позитивни реакции од самата сесија, целата сесија беше исполнета, модераторите ми претставија конкретни прашања на кои мислам дека соодветно одговорив,“ рече тој.

 

 

Аргиров нагласува дека ваквите настани се од огромно значење за младите хирурзи, поради размена на искуства и пракса.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Започнува Џез фестивал Куманово, со љубов и почит за Филип и Кочани

„Искрено мислам дека овие настани се од огромно значење, особено за млад хирург, млад специјализант во областа на хирургијата, поради тоа што ние разменуваме искуства со професори, разменуваме идеи, осознаваме новитети во современата хирургија, а воедно ни оставаат и простор за воспоставување на нови контакти кои ќе допринесат за наш професионален раст и евентуално идни соработки на стручен и научен план.“

Тој истакна дека на конгресот имал можност лично да се запознае со неколку видни професори од Европа, а добил покана за доедукација во масовен хирушки центар во Истанбул, Турција.

„Лично запознав големи професори, како Марио Тестини, претседателот на конгресот, секретарот Франческо Петра, кој беше и модератор на мојата сесија, потоа Луиџи Бони, италијански професор, но најголем впечаток ми остави професорот Џемал Улусој и неговиот специјализант Седат, тие се од Турција од кои добив и покана да одам на доедукација во нивниот масовен хирушки центар во Истанбул,“ истакна Аргиров.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Алексеј од Куманово го освои турнирот за тенисери до 16 години

 

 

Освен теоретската настава со бројни сесии и предавања од врвни професори и претставување на научни трудови, конгресот опфатил и практичен дел преку специјализирани работилници.

„ Практичниот дел е претставен преку работилници, лично учествував во работилниза на минимална и инвазивна хирургија што за мене мислам дека е иднината во хирургија, учествував во лапараскопската хирургија каде што имавме интензивна обука во интеркорпорално сатурирање и учествував во роботика и роботска хирургија што за мене беше ново и за прв пат се сретнав и искуството беше прекрасно.“

 

 

Д-р Аргиров смета дека стекнатите знаења може успешно да се применат и во нашите здравствени установи, ставајќи акцент на Општа болница Куманово, каде тој и работи.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кумановка со „хонда“ излетала од патот. Тројца повредени.

„ Може да се применува кај нас, се применуваат новитети. Би тргнал од нашата болница во Куманово, ние имаме лапароскоп нов, со 4К монитор, што значи дека имаме соодветна опрема и можеме да ги работиме тие операции. Не сакам да кажам дека има едноставни операции, но еве лапароскопска операција на жолчка или лапароскопска пендектомија на слепо црево, но и покомплицирани операции како на дебело црево, желудник, сите тие можат да бидат работени лапароскопски и мислам дека имаме потенцијал тоа да го сработиме“, додаде тој.

Соработката и размената на искуства меѓу младите колеги се од клучно значење, додава д-р Аргиров, кој вели дека по завршување на вакви настани меѓусебно споделуваат искуства и знаења.

Никола Ивановски