Состојбата во Македонија си невремето предизвикано од снежните врнежи и ниските температури е стабилна, ваква оценка вчера даде Управувачкиот комитет на кризи со нагласување дека се уште постојат ризици, но помали за разлика од претходно.
Според надлежните главен проблем сега се ниските температури кои можат да создадат проблеми со здравјето на населението, како и снабдувањето со електрична енергија и вода, а во голема мера да го отежнуваат и сообраќајот.
Портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев, соопшти дека сите институции ќе продолжат да бидат максимално фокусирани на сите препораки и заклучоци кои се дадени од страна на Управувачкиот комитет за справување со кризи.
Државниот советник за здравствена заштита при Министерството за здравство, Јованка Костовска, посочи дека министерството и Комисијата за превенција од студени бранови препорачува во следните два дена да се ослободат од работни обврски бремените жени и хронично болните лица над 60-годишна возраст заради заштита на нивното здравје.
Препораките се за целата територија, меѓутоа со посебен акцент на Осоговско-малешевскиот и на Полошкиот Регион. Работниците што работат на отворено треба да се внимава работните обврски да ги практикуваат од 10 до 16 часот со повремени паузи, на секои два часа по половина час, во топла просторија и со топли напитоци, сè со цел заштита на нивното здравје – рече Костовска.

