Огнените мравки формирале сплавови за да преживеат поплава и да патуваат користејќи вода во југоисточниот дел на австралиската држава Квинсленд.
Научниците предупредуваат дека екстремните временски услови би можеле да го забрзаат ширењето на еден од најинвазивните видови во светот.
Откако бурите го опустошија регионот за време на Божиќ и Нова Година, Рис Пианта од Советот за инвазивни видови ја повика заедницата да биде дополнително внимателна бидејќи црвените огнени мравки беа снимени како лебдат низ поплавеното подрачје.
„Огнените мравки се поактивни пред или по дождот и можат да формираат големи пловечки сплавови кои се движат со водени струи за да воспостават упоришта во нови области. Неодамна видовме докази за ова однесување на фармите за трска јужно од Бризбејн“, рече тој.
Тој тврди дека фармерот му испратил видео од необично однесување.
„Тие се само многу ефикасни во ширењето, можат да се хранат со сè и навистина можат да доминираат во живеалиште откако ќе се преселат во нова област“, рече тој.
„Тие се особено прилагодени да ги напаѓаат птиците што се гнездат на земја и нивните јајца“, продолжи тој.
Мравките можат да убиваат луѓе и добиток, како и да ја оштетат инфраструктурата и екосистемите, а заземале над 700.000 хектари во областа Бризбејн.
Во ноември, беше откриено дека мравките ги прекршиле заштитните линии кога беа пронајдени шест гнезда на 13 километри јужно од границата со Нов Јужен Велс во Мурвилумба.
Пианта верува дека најновите докази за адаптивното однесување на мравките ја нагласуваат важноста од соодветно финансирање за нивно искоренување.
Инаку, станува збор за мравки кои потекнуваат од Јужна Америка и се верува дека пристигнале на бродови во пристаништето Бризбејн во 2001 година, иако постои можност тие да се присутни во земјата од 1992 година.
„Црвените огнени мравки се застрашувачки инвазивен штетник, предизвикувајќи сериозна социјална, економска и еколошка штета“, рече министерот за земјоделство на Нов Јужен Велс, Тара Мориарти во ноември.