Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ денеска во организација на Црвен крст Куманово беше одбележан Светскиот ден на волонтеризмот, 5ти декември.

Секретарот на Црвен крст Куманово, Ива Младеновска, истакна дека Светскиот ден на волонтерите е силен потсетник на мисијата и вредностите на организацијата.
– Овој ден е симбол на човечност, солидарност и посветеност. Денес е ден кога се посветуваме дека хуманоста не се мери со големи зборови, туку со мали вистински дела. Денес посебно ги чествуваме нашите волонтери, луѓето кои стојат зад секоја активност на Црвен крст Куманово како од социјалните програми, едукативни кампањи, луѓе под социјален ризик и активности од кризни состојби. Исто така тука да ги споменам и крводарителите, луѓето кои несебично ја даруваат својата драгоцена течност и спасуваат човечки животи, изјави Младеновска.
Младеновска посочи дека годинава очекуваат рекордни бројки во крводарителството со 3.000 крводарувања во оваа година и нагорен раст на интересот.

Во однос на волонтерите, Младеновска истакна дека интересот расте, особено преку училишните клубови.
– Се јавуваат има доста волонтери заинтересирани, посебно функционираме преку училишните клубови, скоро во секое основно и средно училиште имаме отворено училишен клуб и тоа е еден од начините како ги мотивираме волонтерите да се приклучат во нашата организација, додаде таа.

Светскиот ден на волонтерите е воспоставен од Обединетите нации во 1985 година и секоја година на 5 декември се одбележува низ целиот свет со цел да се истакне придонесот на волонтерите во зајакнување на заедницата, хуманитарните активности и развојните процеси.








Никола Ивановски

