Четири лица се удавија во водите на австралиската сојузна држава Викторија, соопшти полицијата, што е најсериозен инцидент во водите на таа држава во последните речиси дваесет години.
Службите за итни случаи примиле пријави во средата во 15.30 часот по локално време за четири лица кои се борат за живот во водите кај пештерите Форест на островот Филип во близина на Мелбурн, се вели во соопштението на полицијата на Викторија.
Најлошата трагедија во последните 20 години
Три жени и еден маж не реагирале кога ги извлекле од водата.
Тројца биле прогласени за мртви на местото на настанот, додека една од жените била пренесена во болница во критична состојба и подоцна починала, соопшти полицијата.
Полицијата соопшти дека ќе подготви извештај за судскиот лекар и дека нивната смрт не ја третира како сомнителна.
Австралиската новинска агенција ААП објави изјава од Lifesaving Victoria, во која се вели дека инцидентот е најтешката трагедија во водите на државата во речиси 20 години.
Командантот на државната спасувачка служба Викторија Кејн Трелоар изјави за агенцијата дека четири лица пливале во опасна област без надзор.
„Струите се прилично силни таму“
„Моето разбирање е дека тие имале намера да останат во вода некое време, но тоа секако не е место каде што некому би му препорачале да плива“, рече Трелоар.
„Струите на вака изложениот дел од брегот се доста силни и само многу, многу искусен пливач треба да плива во тие области“, објасни тој.
Природниот парк Филип Ајленд е заштитено подрачје во близина на градот Мелбурн и туристичка дестинација позната по „Парадата на пингвините“, миграцијата на пигмејските пингвини од брегот до живеалиштето во близина на плажата, што се емитува во живо од телевизиската и интернет-програмата Пингвин ТВ за многу фанови.