Четири лица загинаа откако мал брод што превезувал мигранти кои се обидувале да стигнат до Велика Британија потона во Ламанш, а во тек е операција за пребарување и спасување, соопштија француските локални власти во четврток.
– Потонувањето на бродот се случи денес. Ситуацијата сè уште се оценува и може да се промени – објавија локалните француски власти во Кале.
Во изминатата година, трговците со луѓе почнаа да користат моторни чамци по северниот француски и белгиски брег, собирајќи мигранти по должината на брегот.
Властите ги нарекуваат „такси-чамци“.
Според податоците од Опсерваторијата за миграција на Универзитетот Оксфорд, околу 2.200 мигранти го преминале Ламанш, една од најпрометните бродски рути во светот, и пристигнале во Велика Британија во првите два месеци од 2026 година. Околу 41.500 луѓе го преминале Ламанш минатата година.

