Samsung може да ги претстави новите модели на своите флексибилни телефони следниот месец.
Нивната цена, според извори запознати со плановите на компанијата, ќе биде до 20 проценти пониска од претходната генерација.
За да расте популарноста на флексибилните телефони кај корисниците, потребно е да се исполнат два услови – едниот се однесува на самата технологија, односно на квалитетот на екранот, а другиот на цената.
За повеќето луѓе, ваквите уреди се прескапи и не сакаат да размислуваат за нив сè додека цената не биде многу подостапна.
Чекор во таа насока се чини дека е она што Samsung има намера да го направи.
Јужнокорејската компанија наскоро (гласините велат дека во текот на следниот месец) има намера да претстави нова генерација на своите флексибилни телефони кои покрај подобриот и помоќен хардвер, ќе имаат и пониска цена.
Не е познато колкава ќе биде таа цена, но извори запознати со плановите на компанијата велат дека цената на Galaxy Z Fold 3 и Galaxy Z Flip 3 ќе биде до 20 проценти пониска.
Со оглед на тоа што Fold 2 имаше цена од 2.000 долари при лансирањето, попуст од 20 проценти значи дека неговиот наследник би можел да чини 1.600 долари.
За повеќето тоа е сè уште прескапо, но сепак е многу подостапна цена во споредба со претходникот.
Кога Galaxy Z Flip беше претставен на почетокот на минатата година, неговата цена беше 1.380 долари, додека моделот со можност за 5G претставен малку подоцна беше малку поскап.
Со текот на времето, цената на овие телефони опадна.
Тешко е да се каже колку треба да чини новиот Flip, но некои медиуми се оптимисти дека може да падне под илјада долари, додека GSM арена и некои други страници очекуваат реалната цена на овој флексибилен телефон да биде помеѓу 1.100 и 1.200 долари.
Наскоро треба да ги дознаеме официјалните цени на новите телефони – веќе следниот месец, а пониските цени би можеле да бидат од интерес за поголем број корисници за кои уредите како моделот Z Fold може да станат замена и за телефоните и за таблетите. Секако, под услов екраните да бидат уште подобри и потрајни.