Цените на нафтата во светот продолжуваат да растат

Сподели со своите пријатели

Цените на нафтата и минатата недела пораснаа на светските берзи, трет пат по ред, бидејќи трговците беа загрижени поради прекините во снабдувањето, а цените беа поддржани од слабеењето на доларот.

Loading...

Цената на барелот на лондонскиот пазар се зголеми за 1,8 отсто – на 79,87 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 2,1 отсто – на 75,42 долари, пренесува Хина.

Зголемувањето на цените најмногу е последица на нарушувања во понудата.

Во Либија, неколку нафтени полиња беа затворени минатата недела поради политички протести.

Шел, во исто време, го прекина товарењето на нигериската сурова нафта поради можно оштетување на терминалот.

Снабдувањето од Либија се проценува дека е намалено за приближно 370.000 барели дневно и од Нигерија за 225.000 барели дневно, според Џон Еванс, аналитичар во PVM.

Извозот на руска нафта, исто така, значително се намали, а доколку тој тренд продолжи во наредната недела, цените веројатно повторно ќе пораснат, особено ако се земе предвид дека Москва официјално планира да го намали извозот во август за 500.000 барели дневно, пишуваат аналитичарите на Комерцбанк во прегледот на ситуација на пазарот.

На цената на нафтата влијаеше и остриот пад на вредноста на доларот во однос на кошничката валути – на најниските нивоа во последните 15 месеци.

Loading...

Ова ја прави нафтата поевтина за купувачите во други валути, па во такви случаи се зголемува побарувачката за „црното злато“.

Од почетокот на годината цените на нафтата се во минус

Од друга страна, трговците се загрижени за забавувањето на растот на западните економии бидејќи централните банки продолжуваат да ги зголемуваат каматните стапки поради високата инфлација.

Покрај тоа, кинеската економија, најголемиот увозник на нафта во светот, не закрепнува толку брзо како што се очекуваше по укинувањето на рестриктивните мерки за Ковид.

Сепак, трговците се надеваат дека намалувањето на инфлаторните притисоци во САД значи дека циклусот на зголемувања на каматните стапки завршува, што треба да доведе до стабилизирање на економскиот раст.

„Светлината на крајот од тунелот на построга (американска) монетарна политика е сè повидлива и инвеститорите се повеќе се уверени дека ФЕД ќе го затвори циклусот откако повторно ќе ги зголеми каматните стапки за две недели“, рече Крег Ерлам, висок аналитичар во OANDA.

Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) и Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) прогнозираат дека побарувачката ќе се зајакне во втората половина од годината, особено во Кина.

И покрај растот три последователни недели, цените на нафтата сè уште се во минус во однос на почетокот на годината, за приближно шест проценти.

Loading...