На светските берзи цените на нафтата пораснаа и минатата недела, вторпат по ред, бидејќи трговците беа охрабрени од новите стимулативни мерки во Кина и стабилниот раст на американската економија.
На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела скокна за 6,4 отсто, на 83,55 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 6,3 отсто, на 78 долари, пренесува SEEbiz.
Скокот на цените на највисоки нивоа за речиси два месеци е благодарение, меѓу другото, и на податоците за посилниот од очекуваниот раст на американската економија во последниот квартал од минатата година – 3,3 отсто на годишно ниво.
Во целата минатата година, бруто домашниот производ (БДП) порасна за 2,5 отсто, иако многу аналитичари предвидуваа рецесија поради агресивното зголемување на каматните стапки од страна на американската централна банка.
Сите најнови податоци укажуваат на стабилен раст на најголемата светска економија, така што таканареченото „меко приземјување“ наместо рецесија е сè поверојатно.
А тоа треба да ја поддржи побарувачката за нафта, како и новите стимулативни мерки во кинеската економија, најголемиот светски увозник на црно злато.
Кинеската централна банка најави дека на почетокот на февруари ќе ја намали стапката на распределба на задолжителните резерви на банките, што треба да ја поттикне ликвидноста на банкарскиот систем, кредитирањето и економскиот раст.
Цените се поддржани и од продолжувањето на конфликтот на Блискиот Исток меѓу Израел и Хамас. Не се смирува ниту ситуацијата во Црвеното Море.
„Досега воените дејствија на американските и британските сили во Црвеното Море не ги спречија нападите, па трговците веќе ги вметнаа постојаните нарушувања во цените“, објасни Јеап Џун Ронг од компанијата ИГ.