Цените на нафтата пораснаа петта недела по ред

Сподели со своите пријатели

На светските берзи цената на нафтата порасна и минатата недела, петти пат по ред, бидејќи трговците се надеваат дека побарувачката за „црното злато“ ќе остане релативно силна и покрај забавувањето на економскиот раст.

Loading...

Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела се зголеми за 4,8 отсто, на 84,99 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 4,6 отсто, на 80,58 долари.

Во фокусот на трговците минатата недела беа одлуките на американската ФЕД и Европската централна банка за зголемување на каматните стапки за дополнителни 0,25 процентни поени.

Ова дополнително ќе го забави растот на економиите на САД и еврозоната, но трговците се надеваат дека нема да има рецесија.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Пожар во најстариот луксузен хотел во Швајцарија

Дополнително, се надеваат дека завршува и циклусот на покачување на каматите, кој трае повеќе од една година.

Трговците, исто така, се надеваат на посилна побарувачка во Кина, бидејќи тамошните власти објавија насочени мерки за зајакнување на растот на втората по големина економија во светот, која не закрепнува толку брзо како што се очекуваше по укинувањето на рестриктивните мерки за ковид.

„Новите најави за стимулирање ги поддржаа надежите за закрепнување на побарувачката во најголемиот увозник на сурова нафта во светот“, рече Пријанка Сачдева, аналитичар во Филип Нова.

Цените се поддржани и од намалената понуда. Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините партнери веќе во неколку наврати го намалуваа производството за да ги поддржат цените.

Loading...
ПРОЧИТАЈТЕ И:  Екстремисти кои светот ги прифати како државници

Саудиска Арабија и Русија, пак, се подготвуваат дополнително да ја намалат понудата во август, односно за еден милион и 500 илјади барели дневно.

И покрај растот пет недели по ред, цената на нафтата на лондонскиот пазар се уште е во минус во однос на почетокот на годината, околу 1 процент.

На американскиот пазар, пак, е во плус 0,4 отсто.