На светските пазари цената на нафтата падна и минатата недела, четврти пат по ред, бидејќи трговците стравуваат дека поради забавувањето на растот на најголемите светски економии ќе ослабне побарувачката за „црното злато“.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела падна за 1,5 отсто, на 74,17 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 1,8 отсто, на 70,04 долари.
Падот на цените четврта недела по ред е последица на стравувањата на трговците од слабеење на побарувачката, со оглед на забавувањето на растот на најголемите светски економии.
Серија неодамнешни податоци покажуваат дека закрепнувањето на кинеската економија, најголемиот увозник на нафта во светот, не е толку брзо како што се очекуваше по укинувањето на рестриктивните мерки за коронавирусот.
Бавен раст на американската економија
Од друга страна, растот на американската економија, најголемиот светски потрошувач на нафта, веќе подолго време забавува бидејќи тамошната централна банка веќе една година ги зголемува каматните стапки за да ја потисне инфлацијата.
Можно е дополнително зголемување на каматните стапки, што дополнително би ги забавило активностите во економијата.
Така, во петокот, гувернерката на ФЕД, Мишел Бауман, рече дека централната банка можеби ќе треба уште еднаш да ги зголеми каматните стапки доколку инфлацијата остане покачена.
На цената на нафтата негативно влијаеше и зајакнувањето на американскиот долар, бидејќи тоа ја поскапува нафтата во земјите кои користат други валути.
Индексот на доларот, кој го покажува движењето на вредноста на САД во однос на другите шест најважни светски валути, минатата недела зајакна за 1,4 отсто, што е негова најголема неделна добивка од февруари.
ОПЕК: Побарувачката за нафта може да биде поголема во втората половина од годината
Од друга страна, цените се поддржани од прогнозите на аналитичарите дека дефицитот во понудата на нафта може да се продлабочи во втората половина од годината.
Аналитичарите се повикуваат на оценката на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) дека побарувачката за нејзината нафта во втората половина од годината би можела да биде поголема за 90.000 барели дневно отколку што прогнозираа досега.
„Пазарот на нафта се приближува до дефицит на понудата, ако тргнеме од претпоставката дека ОПЕК дополнително ќе го намали производството како што е најавено“, изјави Стивен Бренок од PVM.
ОПЕК одлучи да го намали производството за дополнителни 1,16 милиони барели дневно од мај до крајот на годината со цел да ги поддржи цените.
По падот четири недели по ред, цените на нафтата се во значителен дефицит од почетокот на годината.
Во споредба со почетокот на годината, цената на барелот на лондонскиот пазар падна за повеќе од 13 отсто, а на американскиот пазар за повеќе од 12 отсто.