Глобалните цени на нафтата денеска се искачија на највисокото ниво во последните четири месеци, бидејќи трговците се загрижени дека новиот бран американски санкции насочени кон рускиот енергетски сектор може да го наруши и намали снабдувањето на пазарот.
Според податоците на берзата, цената на нафтата Брент во еден момент порасна на 81 долар за барел, а цената на американската нафта WTI се движи близу 78 долари.
САД во петокот ги воведоа досега најагресивните и амбициозните санкции за руската нафтена индустрија, насочени кон големите извозници, осигурителни компании и голем број танкери, од кои некои наводно се дел од таканаречената „флота во сенка“ која заобиколува претходните санкции против Москва.
„Новите американски санкции за руската нафтена индустрија отидоа подалеку од очекуваното“, рече Мартин Рац, стратег за суровини во американската банка Морган Стенли, додавајќи дека на пазарот ќе му треба малку време да ги „свари“ овие мерки што создаваат ризици за залихите на нафта.
Цените на нафтата се зголемија во последните недели, поттикнати од постуденото време, падот на залихите во САД и шпекулациите дека претставниците на Трамп би можеле да ги заострат санкциите против иранската нафта во наредните месеци, пишува Блумберг.
Пакетот санкции подготвен од администрацијата на Бајден во заминување може дополнително да го наруши пазарот и потенцијално да ја промени пазарната рамка за нафтениот картел ОПЕК +, кој планира постепено да го зголемува производството оваа година.
Скокот на цената на нафтата може да претставува предизвик и за централните банки, вклучително и за американската ФЕД, доколку зголемувањето на цената доведе до зголемување на инфлацијата, додава њујоршката агенција.