Цените на нафтата „експлодираа“ откако Израел го нападна Иран

Loading...
Сподели со своите пријатели

Цените на нафтата на светските пазари силно пораснаа по нападот на Израел врз Иран, поради стравувањата дека поширок конфликт на Блискиот Исток би можел сериозно да ги наруши снабдувањето со енергија.

Суровата нафта Брент, која служи како глобален репер, скокна за 4,3 проценти на 72,4 долари за барел, додека американската WTI (West Texas Intermediate) се зголеми за 5 проценти на 71,4 долари.

Според Ројтерс, ова е најголемото дневно зголемување на цените на нафтата од март 2022 година, кога започна руската инвазија на Украина.

Како што пишува аналитичарот Ахмад Асири од финансиската куќа Пеперстоун, пазарите реагираат на непосредната неизвесност во понудата, но и на растечкиот впечаток дека сегашната ескалација би можела да излезе од контрола и да трае многу подолго од претходните конфликти меѓу Израел и Иран.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Британците знаеле за израелскиот план за напад

Во исто време, индексите на берзата во Соединетите Американски Држави забележаа пад: Dow Jones изгуби повеќе од 540 поени, додека S&P 500 и Nasdaq паднаа за 1,4 и 1,6 проценти.

Инвеститорите се свртуваат кон побезбедни форми на средства – цената на златото се зголеми за околу 1 процент на 3.413,6 долари за унца.

Што се случи синоќа?

Синоќа Израел изврши обемен воздушен напад врз неколку цели во Иран како дел од операцијата наречена „Разбуден лав“.

Loading...

Според израелски воени извори, погодени се објекти поврзани со нуклеарната програма на Иран и воени локации, вклучувајќи го и клучниот комплекс за збогатување ураниум во Натанц.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Израел го нападна Иран, погодени нуклеарни и ракетни постројки, убиени водечки воени функционери

МААЕ потврди дека Натанц е меѓу нападнатите локации и е во контакт со иранските власти за следење на нивоата на зрачење.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека целта на операцијата е да се „неутрализира егзистенцијалната закана“, истакнувајќи дека Иран со години развива нуклеарни капацитети и отворено се заканува дека ќе го уништи Израел.

Иран го затвори својот воздушен простор, а израелската војска го подигна нивото на тревога за можен одговор, вклучително и лансирање беспилотни летала и ракети од Иран и територии контролирани од проирански групи.