Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска попладенто се сретна со корисници на социјална пензија од кумановскиот регион.
Ова ново право беше воведено од почетокот на годината со целосно нов Закон за социјална сигурност на стари лица којшто е дел од пакет законите на социјалната реформа.
„Со воведувањето на социјалната пензија за повозрасните лица како Влада уште еднаш потврдуваме дека подеднакво се грижиме за сите граѓани. Секој од нас заслужува достоинсвен живот во општетсвото, бидејќи сите заеднички сме допринеле во неговото градење. Само во кумановскиот регион досега месечниот надоместок од околу 6.000 денари го користат 218 лица, а на ниво на држава правото на социјална пензија го оствариле вкупно 4.148 и оваа бројка очекувам да се зголемува“, рече министерката Царовска.
Министерката ги повика сите возрасни лица коишто ги исполнуваат условите за стекнување со социјална пензија да поднесат барања во најблиските Центри за социјални работи.
„Согласно Законот право на надоместокот за социјална сигурност имаат лицата кои се на возраст од 65 години и немаат други извори на егзистенција. Тие треба да се наши државјани најмалку 15 години, да не примаат старосна пензија, вклучувајќи ги и лицата без ден работен стаж.За домаќинствата каде што и мажот и жената ги исполнуваат условите за користење на социјална пензија месечниот надоместок го користи само еден член бидејќи станува збор за право од социјалната заштита и не е поврзано со ПИО“, рече министерката Царовска.
Директорката на Центарот за социјални работи на Куманово Александра Арсовска, истакна дека сите корисници на социјалната пензија во зимските месеци добиваат дополнителни 1.000 денари како енергетски додаток.
Министерството за труд и социјална политика веќе работи на развој на социјални услуги на локално ниво од коишто поголемиот дел ќе бидат наменети за повозрасната популација којашто е во социјалин ризик.
Од вкупно 65 апликации за пројавување на интерес за користењето на грантот од МТСП во висина од 10 милиони евра, дури 56 општини побараа средства за развој на нега во домашни услови на стари лица, а меѓу нив е и Куманово.