Куба денес евакуираше 70.000 луѓе долж јужниот дел на островот, од страв дека тропската бура Елса може да предизвика големи поплави откако погоди неколку карипски острови, при што загинаа најмалку три лица.
Кубанската влада отвори засолништа и презеде мерки за заштита на културите од шеќерна трска и какао пред невремето, објави АП.
Повеќето од евакуираните заминале кај роднини, додека околу 23.000 луѓе се засолниле во владините објекти.
Околу 400 жители на планинските области се засолниле во природните пештери подготвени за итни ситуации.
Следната „мета“ на невремето беше Флорида, каде гувернерот Рон ДеСантис прогласи вонредна состојба во 15 окрузи.
Елса утрово беше на околу 80 милји северно од Кингстон, Јамајка и се движеше запад-северозапад со 20 милји на час.
Според Националниот центар за урагани во Мајами, бурата била проследена со брзина на ветерот од околу 95 километри на час.
Центарот изјави дека невремето постепено ќе се ослабува со движење кон Куба.