Бугарскиот парламент усвои закон со кој се забранува „ЛГБТК+ пропаганда“ во училиштата, што предизвика бран протести и осуди од групите за човекови права.
Измената на образовниот кодекс на земјата, воведена од екстремно десничарската партија Преродба и поддржана од проевропските партии, забранува „пропаганда, промовирање или поттикнување“ на ЛГБТК+ идеи и ставови во училиштата, без да се прецизираат детали.
Законот беше усвоен откако за него во средата гласаа 159 од 240 парламентарци.
Пред зградата на парламентот во Софија денеска и во среда се одржаа протести против законот, јавуваат локалните медиуми.
Групата за права на ЛГБТК+ ширум ЕУ „Забранети бои“, со седиште во Белгија, го осуди усвојувањето на законот, за кој рече дека е „директен напад врз основните човекови права на ЛГБТИК+ поединците, особено на децата“.
Бугарскиот закон е сличен на законите донесени во Русија и Унгарија во последните години, „со кои се напаѓаат правата на припадниците на ЛГБТК+ заедницата и се укинува нивното учество во училиштата“, пренесува Политко.
Унгарскиот закон беше оспорен пред Европскиот суд на правдата од страна на Европската комисија, Европскиот парламент и повеќе од десет земји од ЕУ.
Портпаролот на Комисијата изјави за Politco дека Комисијата е запознаена со законот, но не може да го коментира, додавајќи дека останува „непоколеблива во својата посветеност на борбата против дискриминацијата, нееднаквоста и предизвиците со кои се соочуваат ЛГБТИК поединците“.