Бугарија блокираше банкарски трансфер од околу 890.000 долари до руската амбасада во Софија поради санкциите на ЕУ, изјави денеска министерот за финансии Асен Василев, неколку дена откако Софија протера 70 членови на рускиот дипломатски персонал од оваа балканска земја.
„Станува збор за банкарски трансфер до руската амбасада што потпаѓа директно под санкциите на Европската комисија, а не за замрзнување банкарски сметки“, изјави Василев за новинарите, пренесува Ројтерс.
Тој додаде дека руската амбасада побарала изземање од правилата бидејќи ѝ се потребни средства за да им исплати плати на своите вработени.
Василев рече и дека бугарската влада во моментов води разговори со Брисел дали да се направи исклучок за да се дозволи споменатиот трансфер на пари.
Бугарија, членка на ЕУ и НАТО и некогаш близок сојузник на Русија, е потресена од дипломатски тензии откако премиерот во заминување Кирил Петков најави протерување на 70 членови на рускиот дипломатски персонал поради шпионажа.
Москва соопшти дека ќе преземе одмазднички мерки, а рускиот амбасадор во Софија рече дека ќе побара од руската влада да ја затвори амбасадата.
ЕУ и другите западни земји воведоа сеопфатни економски санкции кон Русија поради нејзината воена акција во Украина.