Бројот на жртвите на терористичките напади во Дагестан се зголеми на 21, соопшти денеска регионалното Министерство за здравство на својот канал Телеграм.
„Лекарите се борат за животите на жртвите од терористичкиот напад во Махачкала и Дербент. Денеска, за жал, бројот на жртви се зголеми на 21, вклучувајќи полицајци и цивили“, се вели во соопштението, а пренесува агенцијата РИА Новости.
Во неделата беа извршени неколку напади врз синагога и црква во Дербент, како и врз православна црква и две полициски станици во Махачкала.
Во овие градови е воведен режим на антитерористичка операција, соопштија дагестанските власти.
Безбедносните сили убиле пет милитанти вклучени во овие терористички напади и нивниот идентитет е утврден.
Тројцата ликвидирани беа идентификувани како синови и внуци на началникот на областа Сергокалински во републиката.
Во Дагестан на 24, 25 и 26 јуни се прогласени денови на жалост.