Спасувачите втор ден по ред копаа низ урнатините во средата, откако температурите во текот на ноќта паднаа многу под нулата, а бројот на загинати од најсмртоносниот земјотрес во Кина во последните години се искачи на 131, пренесува АФП.
Државната телевизија CCTV соопшти дека најмалку 113 луѓе загинале во северозападната провинција Гансу и уште 18 во соседниот Кингхаи, откако плиток земјотрес оштетил илјадници згради во понеделникот вечерта.
Земјотресот беше најсмртоносниот во Кина од 2014 година, кога повеќе од 600 луѓе загинаа во југозападната провинција Јунан.
Западната провинција на Кина ги носи лузните од честите сеизмички активности.
Во силен земјотрес во провинцијата Сечуан во 2008 година загинаа или исчезнаа повеќе од 87.000 луѓе, вклучувајќи 5.335 ученици.
– Во тек е лекување и спасување на повредените, како и итна санација на инфраструктурата – јави во средата CCTV.
Американскиот геолошки институт соопшти дека земјотресот со јачина од 5,9 степени според Рихтеровата скала се случил на мала длабочина во 23:59 часот по локално време во понеделникот вечерта, со епицентар на околу 100 километри од главниот град на провинцијата Гансу, Ланжу.
Следеа десетици помали последователни потреси, а властите предупредија дека во следните неколку дена се можни земјотреси со јачина поголема од 5,0 степени.