Бројот на ученици во Куманово алармантно опаѓа

Сподели со своите пријатели

Над 490 првачиња недостасуваат во Куманово годинава, тие се уште не се запишале во основно образование иако фигурираат на списоците доставени до училиштата. Каде се овие деца, никој не знае, дали сите се иселени во меѓувреме никој не знае да каже, оти системот нема таква евиденција.

– Тоа не значи дека сите се отселиле, но една од главните причини е што не се ажурираат тие списоци од моментот на раѓање до моментот кога тие се целна група за запишување во прво одделение. Меѓутоа, сите овие проблеми се надевам дека ќе се разјаснат со долгоочекуваниот попис за да имаме фактичка состојба на ученици во основни и средни училишта, изјави Жика Крстевски, раководител на Сектор за образование при Општина Куманово.

Околу 130 деца помалку годинава се запишани во основно образование споредбено со минатата учебна година, со што вкупната бројка на првачиња на подрачјето на Општина Куманово изнесува 1.073.

Во вкупно 22 училишта во Куманово годинава се запишани 15.614 ученици, од кои 10.364 се во основно, а 5.250 во петте средни училишта, од кои пак прва година ќе посетуваат 1.161 ученик.

Училиштата „Толи Зордумис“ и „Вук Караџиќ“ имаат најмал број ученици и на македонски и на албански наставен јазик, каде некои паралелки веќе се исчезнати, што пак доведува до друг проблем, дел од 1.830те вработени во образованието ќе мора да останат без работа, бидејќи според законот ангажираните на определено работно време ќе ги заменат оние со неопределено кои ќе чекаат некои подобри времиња.

Leave a Reply