Најновото германско истражување покажува дека бројот на електрични автомобили во светот и понатаму рапидно расте.
Истражувачкиот центар за соларна енергија и водород (ZSW) во неделата објави податоци, според кои на крајот на 2023 година во светот имало околу 42 милиони автомобили со електрични мотори, што е за околу 50 отсто повеќе од една година порано.
Оваа бројка се однесува исклучиво на електрични возила, plug-in хибриди и електрични возила со уред кој го зголемува нивниот опсег.
Според ZSW, во Кина имало 23,4 милиони примероци од овој тип на автомобили, што е повеќе од половина на глобално ниво.
На второ место, иако далеку зад Кина, по бројот на електрични автомобили се САД со 4,8 милиони возила.
Германија е на трето место со 2,3 милиони, пред Франција (1,6 милиони) и Обединетото Кралство (1,5 милиони).
Најголеми производители на чисто електрични возила и plug-in хибриди во 2023 година беа кинескиот бренд BYD со нешто повеќе од 3 милиони нови регистрации, Tesla со 1,8 милиони и VW со еден милион.